Добриот доктор не наштетува. Нештата едноставно…излегоа од контрола!

Орландо Блум не воведува во светот на медицинската (не)етичност и постојаната потреба од признание, толкувајќи ја главната ролја во ,,Добриот доктор’’.

Станува збор за најновото филмско остварување на перспективниот ирски режисер Ленс Дали, а работено по сценариото на Џон Енбом. Жанровски, филмот е драма со примеси на психолошки трилер, откривајќи ги најмрачните тајни на докторската професија и човечката психа.

Орландо Блум, Рајли Кио, Роб Мороу, Тараџи Хенсон и Мајкл Пења го сочинуваат актерскиот тим, кој ќе им даде живот на ликовите од контроверзната болничка сторија за опседнатоста, осаменоста и потребата од љубов и внимание. Особени пофалби од критиката добива Блум, за кој се укажува дека со длабок и темелен актерски пристап успешно го портетира ликот на нестабилниот доктор, подготвен на се’, само да го нахрани своето его.

Д-р Мартин Блејк (Блум) е згоден, млад и амбициозен доктор, но ужасно осамен, кој целиот живот го минува барајќи признанија и почитување од другите. Желен е да ги импресионира неговите претпоставени и колегите, но никако не успева да ја покори несигурноста во себе. Кога 18-годишната тинејџерка Дајан (Кио) ќе биде хоспитализирана поради инфекција на бубрезите, Мартин влетува во случајот и развиваат посебен однос, што за првпат му овозможува да ја подигне својата самодоверба по која долго копнее. Но, нештата заминуваат во мрачен правец, тогаш кога неговиот ентузијазам ќе почне да се претвора во опсесија. Состојбата на Дајан се подобрува, а Мартин, во страв дека ќе ја изгуби, свесно ја влошува нејзината состојба, сакајќи на тој начин што подолго да ја задржи во болницата и во својот живот воедно. Она што започнува како светло и весело, кулминира во темнина и зло. Каков ќе биде епилогот?

Независниот филм во дистрибуција на Magnolia Pictures, беше промовиран на минатогодишниот филмски фестивал ,,Трајбека” во Њујорк, а со комерцијално прикажување по кино-салите ќе започне од 31 август. Деновиве беше промовиран и првиот официјален трејлер, па, доколку ве привлече содржината, погледнете го и очекувајте го докторот кој ќе ,,обожувате’’ да го мразите.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНајубавиот период од мојот живот
Следна објаваФото на денот | Најубавата прегратка
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ