Оливер Стоун, легендарниот режисер и трикратен освојувач на Оскар, се враќа на големата сцена со филм во кој обедини ,,ѕвездена’’ актерска екипа.

,,Дивјаци’’ е насловот на неговото најново остварување, крими-трилер филмската приказна базирана на најпродаваното книжевно дело со ист наслов од Дон Винслоу,  кој е воедно и коавтор на сценариото во соработка со Шејн Салерно.

Маестрото за контроверзни прашања, овојпат ни сервира сторија за марихуаната, светот на подземјето, необичната љубов и насилните валкани игри на нарко-картелите.

Арон Тејлор-Џонсон, Тејлор Кич и Блејк Лајвли, придружувани од Салма Хајек, Бенисио дел Торо и  Џон Траволта, ja сочинуваат ѕвездената екипа која ќе се потруди да го измами вниманието на филмските сладокусци, во досега најочекуваното филмско парче на Стоун.

Протагонисти се Бен (Арон Тејлор-Џонсон) и Чон (Тејлор Кич) – едниот мирољубив будист, а другиот бивша ,,морнарска фока”. Она што ги спојува овие двајца пријатели е ,,тревата’’ која заедно ја одгледуваат, но и љубовта кон иста девојка, хипи убавицата Офелија (Блејк Лајвли). Нивната марихуана е меѓу најдобрите и најбараните на пазарот, што им овозможува пријатен и удобен живот во малото гратче во Јужна Калифорнија. И, кога се чини дека ништо не може им да го наруши спокојот и хармонијата на нивниот идиличен живот, на сцена стапуваат криминалците од мексиканскиот нарко-картел, кои по секоја цена сакаат да станат дел од бизнисот.

Во немилосрдната битка за освојување на сопственоста на Бен и Чон, мексиканскиот Баха Картел ја киднапира нивната ,,заедничка’’ девојка, и под присила се обидуваат да ја наметнат својата волја. Но, она што Елена (Салма Хајек), немилосрдниот лидер на картелот, и нејзиниот брутален помошник Ладо (Бенисио дел Торо) го потценуваат, е силната врска која ја поврзува оваа тројка, и подготвеноста да сторат сѐ еден за друг. Во безмилосната ,,војна на дивјаци’’ само еден може да биде победник. Кој ќе биде тоа?

СПОДЕЛИ
Претходна објаваDolce & Gabbana инспирирани од Моника Белучи
Следна објаваАпел за помош на Томица!
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ