,,Небесогорие”- Изложба на дела од Виктор Јаневски 

___

🎨 Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен проект #ЅидНаУметноста, оваа сабота, 15 април 2023 година (Велигден) во 21:00 часот ќе ја отворат четвртата изложба на дела, насловена „Небесогорие“ од Виктор Јаневски.

 

КОЛОРИТНА ЕКСПЛИКАЦИЈА НА ПРИРОДНИТЕ ПОЈАВИ –

ЦИКЛУСОТ „НЕБЕСОГОРИЕ“ НА ВИКТОР ЈАНЕВСКИ

 

Марјан Минов

Историчар на уметноста

Скопје, 2023

✍️ Природните појави и феномени го привлекувале вниманието на човекот, од самите негови почетоци, па сѐ до денес, побудувајќи чувства на фасцинираност, возвишеност, па дури и страв.

🎇 Циклусот „Небесогорие“ на младиот уметник Виктор Јаневски, составен од петнаесетина минијатури, како главна тематика во себе ги содржи токму тие природни појави. Останувајќи во доменот на предметното, Виктор таа фасцинираност успева да ја пренесе низ неговите дела. Одбирајќи различни моменти од таквите појави (од облак па сѐ до далечните ѕвезди), ликовно проследени во еден експресионистички стил и со специфичен колоритен сензибилитет, уметникот им дава посебна амбиенталност на своите дела – тие се лесно приемливи и прифатливи за публиката.

Освен чувството на возвишеност, присутна во целиот циклус, Виктор Јаневски во своите дела исклучува подлабока философска експертиза и останува само во доменот на ликовното и естетското – оставајќи му на гледачот да ужива во ликовната експликација на она што е секогаш над нас; на она сега за сега, недофатливо и недостижно, а секојдневно присутно.

 

МИКРОКОСМОСИ ПОЛНИ НЕБА

Митко Гогов,

концептуален уметник и поет

Струмица, 2023

✍️ Неговите форми како од срцевината на постоењето, од магмата на животот ја вадат резерекцијата на духот, визуелно поедноставено до симплифициран израз на мешање на боите од палетата што соодветствуваат со моментното емоционално патешествите. Преломи, експлозии на галаксии, мали, а големи олтари, прозорци низ кои се гледа прапочетокот. Нијансирање во основниот полароид на органските бои, со одлучност во приложеното дејствие, таму каде миротворјето на раката било вдахнено од магловитата секавица на слепоочните завршетоци – тогаш кога сите бои на спектарот целат кон една универзална чиста светлина.

🖼 Гледано историски, психолошки, па и митолошки, делата на Виктор Јаневски се медитативна интроспекција, трансцеденција кон сопствените скриени универзими и космоси каде се раѓаат нови ѕвезди, животи.Тој е алхемичар во сопствениот калеидоскоп на фрагменти од неговата праличност, лабораторија на омнисцентни реалности. За да бидеме општествено попрецизни, тоа би било во паралела со ставот на Алекс Греј: „Во општество кое се обидува да го стандардизираа, размислувањето и индивидуалноста не е многу ценето.“ Со што ставаме акцент на “ценето“, но не како материјална вредност, туку на уметноста над цената, како возвишена, надвременска, елементарна, основна точка и двигател на човековиот развој. Оти почеток сме, прасоздание, огниште во зародиш на нов почеток.

Затоа кога појдовна точка за доловувањето на суштината на значењето на едно апстрактно уметничко дело ни е да погледнеме низ идејно-идеолошките формулации и решенија, како и конкретните позиции кои ги поставува како носечки за интеракција со субјектот.

Отаде физичкото секој од нас поседува засебен алгоритам за визуелна идентификација, нешто кое како авторски знак ќе биде апликативно и во кодовите на преносливата историја на уметнички вредното. „Небесогорие“ претставува специфична просторно-енергетска состојба, која го надополнува спектрумот на себеспознание преку внатрешното, надчовечното, недопирливото. Сепак, „за да се биде уметник значи да припаѓаш на некоја единствена, возбудлива банда одметници“, како што би кажал Веноса, а со надеж и радост верувам дека ќе го дочекаме во истиот светлогор амбиент авторот во Струмица.

Креацијата како сон, како имагинариум на желбите и виножитно прелевање на уметничката четка преку гравурите кои чувале скриени пиксели радост во создавање. Четките секогаш се чистат на крај.

 

Виктор Јаневски (фото: приватна архива) 

👨‍🎨 Виктор Јаневски е роден 1994 година во Скопје. Завршил Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, дипломирал на катедрата по вајарство кај Проф. Жарко Башески, подоцна магистрирал на катедрата по сликарство кај Проф. Жанета Вангели на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје.

Има реализирано три самостојни изложби и учествувано на неколку групни изложби.

НЕМА КОМЕНТАРИ