На 13 септември 2022 година во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – Ретроспектива“ со дела од македонскиот уметник Симон Узуновски (Белград, 4 август 1949 – Скопје, 10 декември 2018).
Симон Узуновски важи за еден од пионерите на интерактивните инсталации во државава, а беше активен на сцената речиси 50 години.
За изложбата;
Тим од петтмина историчари на уметноста: Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитров и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото делување уште од 70те години ќе го претстават творештво на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец.
Во поставката ќе бидат изложени повеќе од 100тина дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Симон Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познаници и публика во создавањето или изведбата на повеќе негови дела ќе бидат претставени со обемна фото документација, која истовремено ќе го прикаже и времето на 70те години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизацијата на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.
Узуновски беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години работел и живеел на италијанскиот остров Капри.
Најрадикалните уметнички пробиви, Симон Узуновски ги оствари во втората половина на 1970-те години со реализација на редица изложби, акции и партиципативни просторни инсталации, како тие во аулата на Филозофскиот факултет (1977 и 1978 година) во рамките на активноста на Естетичката лабораторија, потоа во галеријата Кора (1977 година), уличната акција (1977 година) и легендарната изложба/инсталација во подрумскиот простор на улицата „Максим Горки“ (1978 или 1979 година). Во 1984 година учествува на изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“, одржана во Домот на младите „25 Мај“, Скопје. Истата година ја реализира својата самостојна изложба/амбиентална инсталација во Домот на младите „25 Мај“. Во 1994 во Музеј на град Скопје е прикажано неговото дваесет годишно творештво, а во 1995, 1996 и 1997 година учествува на изложбите Чифте амам. Од 2003 година зачестува неговото присуство во Музејот на современата уметност кога е дел од проектот „Идеја-тека“ (Избор на документи од концептуалниот дискурс во Македонија), „Невидливиот пејзаж“ 2013 година, „Солидарноста-недовршен проект“ (Постојаната поставка), 2014 година и „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-те и во 80-те“, 2020 година.
Со својата неуморна енергија, подготвеноста за акција и отвореноста кон вклучувањето во современите уметнички текови, Узуновски и во изминтиве години беше присутен во алтернативните пробиви на дел од помладите генерации уметници, собрани околу неформалното колективно дејствување, иницијативата „Кооперација“ и нивната активност свртена кон критика на институционалната и идеолошки и политички детерминирана културна политика.
Оттаму, ретроспективната изложба на Симон Узуновски има за цел, не само историографски-ретроспективно да го презентира неговото творештво, туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата е сепак насочен на најзначајниот за него период на седумдесеттите години на ХХ век, период, кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики. Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина.
Но и покрај тоа што со своето уметничко дејствување, Узуновски отвори еден сосема поинаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини, сепак, неговата појава во тој период остана маргинална. Непрепознавањето на значењето и консеквенциите на овој вид уметничко дејствување и размислување, претставува пропуштена шанса за македонската уметност да се вклучи во актуелните југословенски движења од тоа време. Тоа ја доведе македонската уметничка сцена во изолација од главните случувања на полето на критичкото и теоретското исчитување на иновативните и прогресивни појави во тогашниот југословенски уметнички простор.
Узуновски беше еден и од првите соработници на сценографот Крсте Џидров-Џиби, од крајот на 70-те и во текот на 80-те години. Тие заедно работеа на 15-тина сценографии, а десеттото издание на Млад отворен театар – МОТ беше отворено токму со нивна заедничка изложба.
Ретроспективната изложба во МСУ ќе биде отворена до 25 октомври 2022 година.
Поставката се реализира со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија и ЕВН – Македонија.
Извор 》》МСУ-Скопје