Благодарејќи на успешниот и професионален тим, Музејот на современата уметност – Скопје успеа да ги искачи своите високи цели еднакви на светските музејски центри. И покрај двете исклучително тешки пандемиски години во кои беше ограничена нашата слобода, музејот продолжи да пулсира како светилник, пренесувајќи ја најважната порака:

Не ја заборавајте уметноста! 

Со уште позасилено темпо, музејот и оваа година продолжува да качува позитивни вертикали.

А еве и зошто:

На пролет Музејот ќе ја претстави изложбата од колекцијата на МСУ: „Аквизиции – Донации“. Куратор на поставката е Ива Димовски, соработник куратор Бојана Јанева. Предвидени се самостојни изложби на млади уметници, победници на Биеналето на млади уметници: Дарко Алексовски и Наташа Неделковска, куратори се: Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски. Кураторката Љиљана Неделковска е задолжена за самостојната изложба на Лазо Плавевски со наслов „On thin ice“.

 

Во летниот период во рамки на својата програма во музејот ќе биде отворена самостојна изложба на светски реномираниот турски уметник Ахмет Огут, курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова. Во најжешкиот месец од годината во месец јули предвидено е отворено студио и заедничка изложба на полските уметниците Артур Жмијевски и Павел Алтхамер. Летото е резервирано и за изложбата „Pride week“ и серија настани поврзани со овој проект.

Наесен, кураторските ветерани, Зоран Петровски, Лилјана Неделковска, Валентино Димитровски, Лазо Плавевски и Марика Бочварова-Плавевска, ќе ја отворат големата ретроспективна изложба на уметникот Симон Узуновски.

Петтото издание на меѓународната изложба „Се’ што ни е заедничко и оваа година ќе се реализира пред новогодишните празници и во соработка со европското номадско биенале Манифеста и ќе биде дел од официјалната програма на неговото 14то издание. Кураторки тим се Мира Гаќина Ивановска и Јованка Попова. Годината ќе биде заокружена со самостојна изложба на младиот уметник, еден од победниците на Биеналето на млади уметници, косовскиот уметник Дритон Селмани.

Покрај изложбената дејност продолжуваме во истиот ритам со едукативните програми. Уметникот Никола Узуновски и годинава е задолжен за „МСУ Школо“. Кураторката Бојана Јанева, неуморно продолжува со нејзиниот „МСУ водич“. Музејот се грижи и за својата разиграна, најмлада и најсимпатична публика за која уметницата Јулија Манојловска го подготвува проектот Уметност за најмалите“. Во април почнуваме со предавањата од Интердисциплинарната програма, курирана од Тихомир Топузовски и во соработка со Артан Садику.

И покрај годинашната обемна програма, музејот со полна пареа се подготвува за соработката со престижниот простор Кунстхале Виена (кој е дел од Музеум Квартиер) во срцето на Виена, каде во 2022/2023 година на 1.000 метри квадратни ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на МСУ. Во една од најпосетуваните европски метрополи, преку ново читање, ќе биде афирмирана драгоцената збирка на МСУ.

ИЗВОР: МСУ СКОПЈЕ | MOCA SKOPJE

НЕМА КОМЕНТАРИ