Вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи концерт на врвните пијанисти Татја Чиковани (Норвешка) и Дино Имери во рециталниот простор Салон 19,19 (Културно Информативен Центар – Скопје). 

Чиковани и нашиот реномиран пијанист Дино Имери за прв пат ќе ги спојат силите формирајќи пијано-дуо, а заедно ќе изведат богата програма од опусот на Бах, Шуберт и Дворжак. Пред дуото Чиковани-Имери веќе претстојат покани на неколку европски сцени меѓу кои и настап во Осло, Копенхаген, Тбилиси, понуди за снимање на дискографско издание, но и покани од неколку други фестивали каде ќе презентираат дела од светското творештво, но и ќе промовираат дела од македонски автори. 

 

Татја Чиковани (1991) е пијанистка од Грузија, која живее и работи во Норвешка, а соработува со еминентни имиња од Скандинавија. Како лауреат на престижниот пијано натпревар „I Agustin Aponte International Music Competition“ во Тенерифе, настапува на престижните европски сцени. 

 Дино Имери (1990) – одлично познат на нашата јавност, но и европските музички кругови и критичка јавност – интернационално настапува со огромен успех низ престижните  фестивали и соработува со врвни уметници и оркестри повеќе од 10 години. Бележи бројни дискографски изданија за неколку домашни и странски издавачи (Piano Plage Festival France, PMG Jazz, Con:tempo, СОКОМ и др.). Француските медиуми го нарекоа „магионичар на пијаното“, а на својот репертоар покрај светските класици редовно изведува македонска музика, промовирајќи ја македонската култура пред светската јавност. 

Фотографија: Маја Аргакијева

 

Видео порака од Татја Чиковани до сите љубители на уметноста!
A video message from Tatia Chikovani for all admirers of Art!

https://fb.watch/9-WQb4mpCq/

 

 

 Напомена: Влезот на концертот е слободен, а концертот ќе се одвива во склад со протоколите за заштита од КОВИД-19 предвидени од Владата на РСМ. 

НЕМА КОМЕНТАРИ