Да се има визија, а пред се и смелост да се спроведе истата во време кога нормите на живеење се тесно одредени е карактеристика на храбри жени. Нивното дејствување и работа е инспирација за самоостварување на илјадници други жени. Патот од идеја до реализација не е нималку лесен, но е остварлив со вложување на многу труд и љубов во она што се работи. 

Нашата денешна соговорничка сликарката Билјана Цветанова ни ги отвори вратите на својот дом и ни ја раскажа својата животна приказна која таа ја живее секојдневно создавајќи уметнички дела вредни за почит.

Дивианартс; Билјана, кажи нешто повеќе за себе, од кога датира твојата љубов кон уметноста и како ја развиваше низ годините.

Билјана: Мислам дека љубовта кон уметноста постои во мене уште од најраната моја возраст, но не мислам на уметноста кон цртањето туку општо земено уметноста како потреба на човекот за негова самореализација во создавање и креирање. Сите ние се раѓаме со таа љубов, но во голема мера и како ќе се равиваме во која насока зависи од околината во која битисуваме. За моја среќа јас имав родители кои ме поддржуваа во моето уметничко изразување. Никогаш не ја занемарували или пак поттикнувале мојата желба за уметност, туку оставале на мене да се развивам самостојно. Велат дека таленот е само 1% додека 99% е напорна работа и вложување на максимален труд во она што се работи преку постојано едуцирање и усовршување.  Мојот уметничи талент го наследив од мојот татко, мој идол и иннпирација кој по занимање беше воен пилот а во душа уметник. Самоук уметник со огромна љубов кон сликањето, фотографијата, пишаниот збор и музиката.  Иако мојата љубов кон уметноста е огромна, никогаш не се школував во нејзиниот дух, можеби тоа произлегува од фактот дека ставот на нашето општество кон истата не е баш пријатен и бил маргинализиран. Ни се пропагира дека уметноста не го “носи” лебот на трпезата па така таа треба да биде дел од нашите животи само како хоби. Од таму произлезе и моето разубедување да не гледам на нејзе како на моја професионална определба, па школувањето го продолжив во општа гимназија.

Никогаш не се откажав од она што го носев во моето срце, постојано собирајќи најразлични слики кои се обидував да ги насликам, единствено така бев во контакт со сликањето. Мојата самокритичност многу ми помогна да го развијам талентот. Се уште сум убедена дека не постои совршенство во уметноста и целосно се сложувам со изреката на Да Винчи дека едно уметничко дело никогаш не целосно завршено туку дека е само напуштено. Оваа изрека комплетно ја опишува мојата перцепција за секое мое изработено дело.

Пред десеттина години ми се даде можност да го реоткријам својот талент, а со тоа и текот на мојот понатамошен живот доби сосема поинаков правец. Имено сетрата на мојот сопруг отвраше игротека, па така потпирајќи се на мојата креативност ме ангажира да ги нацртам зидовите во просторот за играње. Тоа беше за мене вистински предизвик. Најпрво требаше да сликам, во тогаш за мене огромни размери на рапава и несоодветна површина и со алат и бои кои ми ја отежнуваа работата. Нормално тоа беше мојата прва средба со муралот, а моето знаење за захтевноста за истиот беше рамна на нула. Сепак конечниот исход беше големо воодушевување најпрво од моја страна бидејќи се изненадив од сопствената изработа, а потоа следуваа и многу позитини критки кои на некој начин беа и мојот поттик да навлезам подлабоко во светот на муралите.

Моите први објави во тогашните интернет портали беа единствени во таа дејност. Луѓето им веруваа на стикерите и ретко кој се осудуваше да најми некој кој би цртал на зидовите во нивните домови. Ги добив и првите нарачки за изработка на мурали, но конечната одлука за мојот сон да прерасне во реалност беше пред пет години, кога одлучив мојата љубов кон творењето и сликањето да биде воедно  мојата егзистенција. На огрома поддршка наидов од страна на мојот сопруг кој секогаш ме охрабрувал да ја негувам креативноста и талентот кој го поседувам. Неговата заложба околу чување на децата беше за мене од огромно значење. Тоа ми даде можност и време да создавам нови дела. Секоја наредна изработка беше нова лекција и секој нареден работен ден ново искуство. Најбитно од се беше што тоа за мене не претставуваше работа туку љубов во која уживам. Задоволните клиенти ми даваа огромна поддршка, особено на мојот почеток на кариерата. Бројот на уметници кои изработуваат мурали од ден на ден се зголемува затоа можам да се пофалам со моите колеги со кои имам одлична соработка. Од големо значење ми се искуствата кои ги споделуваме и сме во постојан контакт околу сите новости, иматеријали и информации кои се нудат на нашиот пазар. Ме радува што се повеќе луѓе сакаат да ја внесат оваа уметност во своите домови. Ги препознаваат предностите кои ги нуди рачната изработка и на мое големо задоволство почнуваат да ја ценат истата. Голем благодет кој ми го дава оваа работа се многубројните познаства и пријателства кои ги стекнав преку неа.

 

https://www.facebook.com/dzidnocrtanje.murali/

 

НЕМА КОМЕНТАРИ