;;Две тишини;; – Анте Поповски
Ти конечно ме бакна,
 и како и овие дождови и секавици,
 како и овие ветришта,
 ме окова за себеси,
 и тоа што веќе меѓу нас се случи
 сега и Бог – господ
 не може да го спречи.
 Но, каде си?
 Ти и не знаејќи околу мене
 насели две тишини:
 една мала, во која те сонувам
 и чекам, и една голема
 во која исчезнувам.
 Твојот заборав и моето заминување
 сега и сам Господ – бог
 не може да го спречи.

    
		












