Со Одлука на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија, 2018 година беше прогласена за Европска година на културното наследство. Целта на оваа Европска иницијатива беше да го промовира значењето на Европското културно наследство и да ја зајакне свеста за заедничката европска историја и вредности.

Европска година на културното наследство покри четири клучни теми што се однесуваат на културното наследство и тоа: вклученост, одржливост, зачувување и иновација. Преку овие теми, во земјите-членки на Европската Унија оваа година беа спроведени преку 11.500 настани и проекти на европско, национално, регионално и локално ниво, инволвирајќи 6.2 милиони жители на Европската Унија, особено деца и млади, со цел  зајакнување на нивното знаење за културното наследство, но и за припадноста во поширокото Европско семејство.

Иако Република Македонија сè уште не е полноправна членка на Европската Унија и немаше обврска да ја спроведе одлуката на европските институции за спроведување на оваа целогодишна манифестација, сепак Управата за заштита на културното наследство го препозна значењето на дадените рамковни теми на Годината, кои се блиски и до нејзините заложби.

Оттука, стручни лица од Управата заштита на културното наследство изготвија национална програма на активности со кои и Република Македонија им се приклучи на земјите-членки на Европската Унија во прославувањето на вредностите и на македонското културно наследство како дел од европското. Во таа насока, во кампањата која ја водеше Управата, беа вклучени проекти и активности за популаризација на нашето, но европско културно наследство, негово приближување до пошироката јавност преку јавни презентации, промоции и едукативни настани за децата и младите, стручни настани (работилници, обуки) за вработените во институциите за заштита на културното наследство, но и за граѓанскиот сектор и локалните заедници.

Оваа програма на активности за одбележување на Европската година на културното наследство, беше спроведена под слоганот ,,Нашето наследство – Европска вредност!“ и мотото ,,Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“ .

Во рамките на оваа Програма беа спроведени вкупно 19 активности, од кои 15 беа спроведени во Македонија, додека 4 беа реализирани во делот на меѓународни активности, за кои можете да прочитате повеќе на официјалната веб – локација на Управата: www.uzkn.gov.mk.

За потребите на Програмата, беа дизајнирани посебни промотивни материјали, а во текот на кампањата Управата лансираше и свој хаштаг #MacedoniaForCulture со кој фановите на социјалните мрежи имаа можност да споделуваат свои искуства и приказни поврзани со македонското културно наследство.

На крај, Европската година на културното наследство 2018 ја нагласи вредноста на културното наследство за општеството, неговиот придонес кон економијата, неговото значење за односите на ЕУ со остатокот од светот (културна дипломатија) и значењето на зачувувањето на културното наследство за идните генарации. На затворањето на оваа иницијатива во Виена, Австрија, беше презентиран Акциски план за културно наследство, настанат како резултат од сите активности реализирани во текот на Европската година на културното наследство и негова главна цел е воспоставување на заедничка насока за активности во областа на културното наследство на европско ниво, главно во однос на европските политики и програми. Овој план ќе им служи како инспирација на регионите и градовите во Европа и на организациите и мрежите при креирањето на сопствените активности и исто така, земјите-членки ќе бидат поканети да креираат слични акциски планови за културното наследство.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваHalsey е на врвот на Billboard Hot 100!
Следна објаваCartier колекција како омаж на историјата!
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР