Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува денеска со премиера на театарската претстава „Мизантроп“ од Молиер, во режија на младата црногорска режисерка Ана Вукотиќ, а во продукција на Театар Комедија од Скопје.

Оваа сериозна комедија е поглед во човековата душа на современиците од периодот кога била пишувана во 17 век, но e и магнетна резонанца на нашето време. Директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски, вели дека актерите и целокупната екипа којашто работи на оваа претстава е максимално подготвена за вечерашната премиера на фестивалот „Охридско лето“.

-Многу ми е драго што сме на „Охридско лето“ со претставата „Мизантроп“ и уште повеќе се радувам што екипата на соработници во претставата се луѓе однадвор. Меѓународна соработка на чело со режисерката Ана Вукотиќ. Подготвени се сите и морам да кажам дека дадоа многу труд. Уверен сум дека публиката ќе биде многу шокирана бидејќи очекуваат лесна комедија, но не, станува збор за љубовта на човекомрзецот или омразата на човекољубецот. Каде е љубовта, каде е омразата. Впрочем, ја имаме смеата, но горчлива. Дури и така горчлива и болна смеа, нас како луѓе може да не спаси, вели директорот Ристовски.

Според режисерката Вукотиќ претставата обработува тема со далеку поширок контекст што не ја засега само Македонија, туку поточно, се работи за современ Молиер, промислен во контекст на современиот човек кој е инспириран од поука.

-Тое е една приказна што ја докажува севременоста на писателот. Она што најмогу ме засегаше во претставата бее позицијата на интелектуалецот во денешницата, во време на лицемерие, тој парадокс кога се зборува за вистината која никогаш не е докажана, изјави режисерката Вукотиќ.

Како што беше појаснето на денешната прес-конференција по повод вечерашната премиера на „Мизантроп“,  претставата е вклопена во специфична режисерска поставка со сите елементи, сценографија, музика, костимографија, внимателно вградени за целосно визуелно доживување.

Соња Вукичевиќ, кореографот на претставата, задоволна од соработката со екипата на Театар Комедија, вели дека „Мизантроп“ се подготвувала  во прекрасна работна атмосфера.

-Работам со театарски куќи од сите држави на поранешната државна заедница, па и пошироко. Она што морам да го истакнам е дека Македонците, но тука треба да ги пофалам и Унгарците, се извонредни во нивната експресивност во движењето. Во една прекрасна работна атмосфера го создадовме ова дело, што во уште поубава атмосфера го довршуваме овде во Охрид, рече Вукиќевиќ.

Во однос на сценографијата за претставата, како што беше речено на денешната прес-конференција,  станува збор за уметничка инсталација, на која во случајот се придодадени актери, во обид да се создаде нешто трето, нешто уште поубаво и повозвишено.

-Специфичното во сценографијата е кружната атлетска патека на сцената, со постојано движење и вртење во круг кое е доминантно, и особено карактеристично за ова современие во кое живееме и во овој случај на „Мизантроп“ придава уште поголема смисла, истакна сценографката Јелена Томашевиќ.

Во  театарската претстава „Мизантроп“ играат десет актери од Театар Комедија. Улогата на Алсест во „Мизантроп“ ја игра Атанас Атанасовски, Флинт го толкува Александар Михајловски, а Орнот е Столе Мицов. Мирјана П. Ристов ја игра улогата на Селимена, Магдалена Ризова-Черних на Елијанта, а Жаклина Петровска – Милјановска во оваа претстава е Ариноја. Улогата на Акаст ја игра актерот Илија Илиоски, Клитандр е Жарко Димоски, Баск е Виктор Арсов, а Ди Боа го глуми Ердоан Максут.

Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов, костимографијата ја направи Лина Лековиќ, а композитор на музиката е Александар Радуновиќ –Попај.

Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски на прес-конференцијата најави дека  напорите на фестивалската управа се во идните фестивалски изданија да бидат застапени повеќе премиерни изведби, со претстави планирани и работени специјално за фестивалот „Охридско лето“.

-Ќе се обидам на следното „Охридско лето“ да има повеќе премиери. Планот е да се направи договор со сите театарски куќи во Македонија, као што беше порано обичај, одредени претстави токму да бидат премиерно прикажани на „Охридско лето“, рече селекторот Поповски.

Премиерата на театарската претстава „Мизантроп“ ќе биде изведена на големата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваПетар Маркоски со летен хит UNA SIGNORA!
Следна објаваПенелопе Круз е новата амбасадорка на брендот Шанел!
Пилотот кој раководи со летот кој ја открива креативната страна на животот е вечен поддржувач на широката палета уметности, со хиперактивен печат. Без ефект на изненадување поради уметничкиот допир од мали нозе и израснувањето во семејна атмосфера на вистински уметници прават од него модерен боем, шармантен екцентрик, вистински гурман, патувач и трагач по креативитет низ секој агол на планетата. Затекнат во маркетингот и односите со јавност, не успева да се оддели од креативниот максимум во секоја сфера на живеењето.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР