Во среда (5. април) во Македонската опера и балет премиерно ќе биде прикажана балетска изведба со наслов „Балетска вечер на Бурнонвил“ која се состои од три балетски дела инспирирани од Франција, Италија и Шпанија. 

Изведбата е поставена и режирана од Ева Клоберг и Франк Андерсен (Данска), кореографијата е на Аугуст Бурнонвил (Данска), на музика од Х. С. Паули, Х. К. Лумбие, В. К. Холм, Е. Хелстед, а под диригентската палка на Бисера Чадловска. Сценографијата е на Зоран Николовски, костимите ги изработи Марија Пупучевска, концерт мајстор е Климент Тодороски, а асистент на продуцентите е Саша Евтимова.

Покрај солистите и ансамблот на Македонската Опера и балет, настапуваат и гости од Бугарија, Англија, Украина, Јапонија и Словачка, како и ученици од МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје.

Порака до публиката

На огромно задоволство на македонската публика ѝ ја претставуваме

 „Балетската вечер на Бурнонвил“.

Ова не е прв пат балетите на Аугуст Бурнонвил да бидат одиграни во Скопје, но за прв пат претставуваме целовечерна продукција. Среќни сме за поканата од уметничката директорка, Олга Панго да дојдеме во Македонија и да работиме со македонскиот балет и танчерите.

Аугуст Бурнонвил е Данец кој живеел помеѓу 1805 и 1877 година и создал повеќе од 50 балетски дела. Тој бил визионер, кој најголем дел од своето образование го стекнал во Франција. Бурнонвил се смета за „татко“ на Кралскиот дански балет чиј што уметнички директор бил повеќе од 40 години. Како резултат на своето школување во Франција, тој создал сопствен балетски речник, стил и техника. Меѓу неговите најпознати балети се „Наполи“ од 1842 година и „Силфида“ од 1836 година.

Се одлучивме оваа вечер во Македонија да преставиме неколку од помалите балети на Бурнонвил инспирирани од неговата страст за патувања и посета на други земји: „Конзерваториумот“ од 1849 година, што претставува омаж на неговата младост и едукативен престој во Франција, „Pas de Deux“ од „Фестивал на цвеќето во Џензано“ од 1858 година, инспириран од неговите патувања во Италија и „Прозорецот“ кој ја отсликува неговата страст за Шпанија.

Се надеваме дека за ансамблот на Македонскиот балет беше особен предизвик да работи на различен стил и техника од она што го познаваат. Станува збор за чисто класичен балет кој не е едноставен, но веруваме дека целиот процес беше од непроценливо значење за балетските уметници. Исто така, се надеваме дека успеавме да им дадеме нешто што ќе го искористат понатаму во нивните кариери, и во било кое балетско дело што ќе го изведуваат.

Конечно, наша огромна желба е вие, нашата драга публика да уживате во изведбата и да се запознаете со една друга страна на балетот, каде „Joie de vivre“, односно „Радоста на животот“ е најважното нешто.

Навалете се удобно во своите седишта и уживајте во светот на Аугуст Бурнонвил.

Ева Клоборг и Франк Андерсен

Divianarts.com е медиумски покровител на МОБ.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваТоп 5 совршени фустани за оваа пролет!
Следна објаваДомашен декор инспириран од природата!
Креативната страна на животот под поинаков агол, каде важи правилото "less is more" е она што го опишува овој член на креативното семејство. Со оптимистичен пристап и позитивна енергија, сиот труд го насочува кон доброто и инспирацијата, кон вистинските вредности; како што е уметноста и квалитетниот креативен израз. Со поедноставување на животот, стои рамо до рамо со останатите креативци во тимот на Divian Arts.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР