Дизајнерката Mariia Movchan се потпишува зад уредувањето на овој колоритен стан во Киев, со скромна површина од 42 метри квадратни, а наменет за потребите на младо семејство. Воодушевува со ведрината во ентериерот, почнувајќи од впечатливиот ѕид во сенф жолта боја, дезенираните тапети со пастелни триаголници, па се’ до шарените плочки и едноставните парчиња мебел. Се’ е одлично усогласено и сложено во една хармонична целина, со пријатен и мошне забавен амбиент за живот. Кујната, малата трпезарија и дневниот престој се дел од ист простор, кој со претсобјето го обединува нежната тиркизна боја на поединечните елементи и ѕидови. Светлите подови од тиково дрво, бојадисаниот ѕид во нијанса на бело кафе и нежните тапети, пак, ја смируваат интензивната жолта боја која доминира во ентериерот. Во продолжение, погледнете ги фотографиите и пронајдете ја омилената идеја за вашиот животен простор.