Небојша Пешевски е млад и ретко креативен артист од Скопје кој се занимава примарно со професионално шминкање, но има и уште една специфична страст- body-paint. Како гранка која е доста непозната во Македонија, а тој меѓу првите професионалци во ова поле, го замоливме да ги сподели неговите гледишта на шминкерството и body painting-от со читателите на Divian Arts.

1. Пред се, да ги запознаеме читателите со твојата примарна дејност – шминкерството. Од кога, како и зошто се зафати токму со оваа професија?

–          Со шминкањето се занимавам прилично долго време. Започнав со body-painting, но подоцна, полека почнав вниманието да го насочувам повеќе кон шминкањето. И двете насоки за мене се тесно поврзани, особено бидејќи секоја реализирана замисла ја доживувам како посебно уметничко дело. Така и се започна: љубов кон уметноста и уметничкото изразување, на еден малку понеобичен начин.

2. Дали работиш самостојно или си во склоп на некое поголемо студио?

–          Работам самостојно каде што давам курсеви по шминка, a соработувам и со повеќе студија, бидејќи во Скопје има навистина голем број професионалци  на кои што можам да се потпрам.  Тие ги разбираат и познаваат моите идеи и стил на изразување, па така нивните замисли се надополнуваат со моите авангардни дела.

 3. Кои се твоите досегашни, поголеми ангажмани?

–          Од неодамнешните ангажмани би ги издвоил соработката со Пелистерка за нивната кампања и ревиите на Fashion Weekend. Инаку активно работам на музички спотови во соработка со Фабрика Продукција и со многу други .

4. Што е body paint?

–          Секој од нас го знае буквалниот превод – сликање по тело. Но, овој поим во себе крие многу повеќе од  тоа. Како еден посебно издвоен правец во уметноста во светот, полека почнува да се развива и кај нас. Ваквото сликање му дава една посебна димензија на човековото тело. Фасцинирачки е фактот колку човековото тело или лице може да се измени во тој процес. Иако се работи за голема ограниченост и деликатност при сликањето на тело, има простор за варијации, испробување и откривање нови можности, кои резултираат со секогаш различни и разновидни дела. Тоа е она што мене најмногу ме привлекува.

5. Како еден поголем проект, кој бара доста време и предаденост, како се снаоѓаш досега со body painting-от? Колку време е потребно за една сесија?

–          Морам да признаам дека е работа која што бара многу предаденост, концентрација и кондиција.  Како што веќе кажав, на овој начин започнав да навлегувам во шминкерската уметност, па затоа, ова не е нешто ново за мене, но е многу исцрпувачки. Се случува и сликајки да изгубам осет за време и без да забележам поминале 5-6 часа, но како и да е, додека не го завршам, не престанувам, колку време и да е потребно.


 6. Какви бои и материјали се користат во оваа техника?

–          Потребни се специјални бои и четки за сликање по тело, но добредојдени се и секакви мали декоративни елементи кои ќе ја збогатат замислата.

7. Македонија, како една земја која е по малку заостаната во однос на разголени тела и соблекување, а во body painting-от неизбежно е моделот да е целосно гол, како ти оди досега со наоѓање на модели кои се поотворени за ваков тип уметност?

–          Проблемот е што во нашето општество сеуште постојат предрасуди кои се однесуваат на многу различни теми, па нема сомнеж дека сликањето по голо тело е една од нив. Модели тешко се наоѓаат, но проблемот не е само во разголеното тело. Сметам дека клучно за да може сето тоа да се изведе е голема професионалност од двете страни.

8. Дали досега си учествувал со оваа дејност на некакви натпревари или дали имаш планови за такво нешто во иднина?

–          Имам неколку планови за учество на настани од овој тип надвор од државата. До сега имам земено една награда, прво место за face-art, за која што добив комплет сет-шминки од  Make Up Forever. Во план е и нешто поголемо: подготовка на свој перформанс на некој поголем фестивал за body paint.

9. Кои се најчестите мотиви, односно на кој начин бираш што ќе насликаш на телото на моделот? Инспирации, идоли?

–          Идејата и мотивацијата многу зависат од областа за која што е наменет проектот. Доколку се работи за филмската индустрија, ограничувањата се големи, бидејќи изгледот на ликот е однапред зацртан. Другите области како на пример спотови, реклами и фотосесии дозволуваат поголема слобода, а секако самостојните фотосесии ги креирам сам и идејата е целосно моја. Инспирацијата ја наоѓам во се околу мене, се што ме опкружува. Убав склоп на бои, природа, случувања… Секој слободен момент го користам и творам…

10. Дали сметаш дека има некаква светла иднина за body paintingot во Македонија?

–          За жал, Македонија не ветува многу во тој поглед. Како што веќе кажав, оваа област почнува да се развива кај нас, но сепак тоа се одвива многу бавно. Не гледам некој голем просперитет, но сепак драго ми е што сум меѓу првите што ја воведува оваа уметност на овие простори и ги запознава луѓето со истата.

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваФото на денот | Lovin it now???
Следна објава„Звукот на коските што се кршат“ во Theatra
Пишувајќи за уметноста, успешно се грижи за шарената страна на животот, за категоријата која ја истакнува величината на вистинската страст и го бои светот. Ставовите и принципите ги креира како резултат на вечната битка помеѓу традиционалното воспитување и либералната наклонетост кон новото време.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР