Руслана Сергеевна Коршунова е родена на 2 Јули 1987 година во Казахстан. Вистинска убавица позната по својата прекрасна, предолга и густа коса, заради која го доби надимакот Рапунзел (долгокоса принцеза од бајките на браќата Грим), а чиј живот трагично заврши на 28 Јуни 2008 година, само неколку дена пред таа да го прослави својот 21 роденден.

Руслана, како тоа обично бидува, стана модна икона сосема случајно, кога нејзин близок пријател ја убедил да ги даде своите слики за реклама на една локална авиокомпанија.  Debbi Johns, претставник на американската агенција за модели “Model 1 “, исто така случајно ги забележува тие слики и во истиот момент е маѓепсан од нејзините мачкини очи и прекрасната коса со боја на мед.

Следното утро, нејзиниот живот се менува засекогаш.

Уште на самиот старт од нејзината кариера потпишува договори со седум светски, модни куќи. Таа започнува да работи со Christian Dior, Kenzo и Moshino. Учествува во многу рекламни кампањи за DKNY, Christian Dior и Nina Ricci и се појавува на насловните страници на францускиот  Elle и рускиот Vogue.

И токму кога се чинеше дека таа е на “врвот на светот”, утрото на 28 Јуни 2008 година, нејзиното безживотно тело е пронајдено на плочникот под нејзиниот апартман во Њујорк. Полицијата го затвори овој случај само една недела подоцна, а во официјалните извештаи стои дека таа си извршила самоубиство. Но, за смртта на Руслана која го шокираше светот сеуште се зборува. Овој трагичен настан предизвика лавина од коментари и шпекулации дека таа сепак била убиена. Како мотив за недокажаното убиство се спомнуваат многу мрачни сценарија.

Најпрво се зборуваше дека таа била жртва на поединци, кои ги присилуваат оние девојки кои ќе паднат во нивната замка, на проституција. Се смета дека тоа е подземје кое работи за богати и влијателни луѓе, па затоа никој не се осмелил да ја истурка правдата на виделина.

Пријателите на Руслана зборуваа дека таа била прекрасна девојка и добра личност и дека немала ниедна причина да си го одземе животот. Нејзината мајка Валентина, бараше неколку пати истрагата околу смртта на нејзината ќерка одново да се отвори, но секогаш без резултат.

Во нејзиниот стан, на 9 спрат од висококатницата во Њујорк не се пронајдени никакви траги на насилство, нема кожа под ноктите или знаци на борба на нејзиното тело, ниту е забележано некое сомнителено лице тој ден. Но, сепак има една сомнителна околност која полицијата како да се обиде да ја прикрие. Muhammad Naqib е ден од работниците кои работел на зградата тоа утро, а кој ја видел Руслана предходната вечер како се враќа дома насмеана, вели: “Бев шокиран кога ја видов како лежи на тротоарот. Беше толку мала и бедна. Лежеше во локва крв, рацете и вратот и беа скршени, а толпа луѓе се имаше насобрано околу нејзе. Во прв момент не сфатив што е тоа што ми е чудно, но потоа се сетив… КОСАТА!!! Нејзината коса беше многу пократка од минатата вечер, а краевите беа нерамни како некој да ја отсекол во брзање. Никој никогаш не ме повика да сведочам и никаде не го спомнаа овој факт во официјалните извештаи.”

Точно е дека Руслана била депресивна последните месеци. Постојат докази од нејзините постови на социјалните мрежи во кои таа се самообвинува и напаѓа : “Јас сум кучка. Јас сум вештерка”, а потоа се самосожалува: “Толку сум изгубена. Не знам дали некогаш ќе се пронајдам себе си…”

Британскиот телевизиски продуцент Peter Pomerantsev кој сакаше да сними филм за Руслана, има теорија дека нејзиното самоубисто има врска со нејзината вклученост во “Ружата на светот” – контроверзна московска организација која се дефинира себе како “организација за обука и развој на личноста”. При истражување за филмот, тој дознава дека Руслана три месеци пред смртта била член на оваа организација, каде на сесиите сите учесници си ги споделуваат своите најстрашни искуства и потиснати сеќавања. Овие сеанси се извршуваат со контроверзни методи, заради кои оваа организација често била мета на тужби. Коршунова овие обуки ги посетувала со нејзината пријателка, украинскиот модел Анастасија Дроздова, која изврши самоубиство под слични неразјаснети околности.

Што навистина се случило тој ден, ние можеме само да претпоставуваме. Но, едно е сигурно… Светот на модата не е составен само од гламурозни ревии, скапи парчиња облека, познати личности, сјај и забава. Тоа е силна машинерија која е полна со лаги, замки и искушенија. Машинерија чии мрачни тајни можеби засекогаш ќе останат зад камерите, рефлекторите и зад скршената психа на младите девојки!

СПОДЕЛИ
Претходна објаваМлади креативци | Елена Пешевска Ека
Следна објаваВреме е за снешко
Пишувајќи за уметноста, успешно се грижи за шарената страна на животот, за категоријата која ја истакнува величината на вистинската страст и го бои светот. Ставовите и принципите ги креира како резултат на вечната битка помеѓу традиционалното воспитување и либералната наклонетост кон новото време.

3 КОМЕНТАРИ

  1. Jas sepak mislam deka e ubiena :S. Iako imala problemi i bila vo depresija,sigurno za toa ne bi se ubila :S……..Shteta,preubava e,da ostaneshe ziva bi mozela mnogu da postigne. No,ete….zivotot e takov

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР