Кога зборуваме за магијата во просторот, олицетворението на апстракцијата во реалноста, строгоста и дисциплината во бурата на креативни идеи, зборуваме за настојувањето на совршеноста да се спротистави на законите на овој спонтан свет. Зборуваме за архитектура која е изградена врз темелите на строгата симетрија, која со мала манипулација води до градби кои ја будат фантазијата во Вас и создаваат малечок рај за Вашите очи.
Фотографот кој живее во Амстердам, Dirk Bakker, е заслужен за овие прекрасни фотографии кои го будат перфекционистот во секој човек. Играта со линии и текстури во самиот простор ја отежнува оваа работа, која бара прецизност и голема дисциплина. На фотографиите се забележуваат совршени концентрични кругови, метални линии кои им се спротиставуваат на облаците, трикот на фасадните бои на населените згради, меѓусебната рефлексија на облакодерите, силата на малечкиот човек наспроти огромниот објект, неговата индивидуалност наспроти едноличноста на повторувачките фигури.
Причина плус за посета на Амстердам, зарем не?