„За предавство потребен е страв, за одмазда љубов, за умирање живот, а за копнеж – отсуство поприсутно од присуството треба да се има“… Првиот интерактивен македонски роман согласно неговата длабока срцевина, вкрстување на приказни и заклучно партиципација на читателот, се препишува на реткиот литературен ум во рамки на Македонија, професорот Венко Андоновски.

Со примеси на историја, главната сторија се врзува за X-XVIII век на територија на Хрватска и Македонија, со мини појавувања на Светата столица и силно влијание на Инквизицијата со нејзините нечовечни методи, сторијата сведочи за најголемиот геноцид познат на човештвото – геноцид врз понежниот род од страна на машкиот, посилниот(!); под обвинение дека се работи за физички зделки со ѓаволот по кои жените стануваат вештерки, се со цел да се оправда нивната неспособност и импотенција. Во овие незавидни услови се случува една фасцинантна, револуционерна и забранета љубов, славење на земската страст преку неочекувана и слатка емоција помеѓу осомничената црвенокоса и пресветиот падре Бенџамин. Ситното црвенокосо суштество буди оган во делегираниот и ладнокрвен свештеник од Ватикан, по нејзина вина тој добива неочекувана должност да ја спаси, заштити, љуби! Истото чувство се пресликува и кај Јована, таа тврди дека, кога Бог ја создал Ева намерно ја создал од реброто Адамово, дека токму во машката прегратка, под рамото, оставил место за жената. Истовремено, се случува и непосредно обраќање на авторот до читателот: Андоновски пружа една деликатна можност самиот читател да се впушти во асистенција на романот, директно да учествува во настаните на романот и да се идентификува со некој од карактерите – како што тоа се случува со Папа (падре Бенџамин) и Јована; и професорот на Филолошки факултет и црвенокосата од кафе Лондон… кон што цели крајот на романот, не си дозволуваме да откриеме. Читањето на овој вонземски роман е предизвик и ризик истовремено: дали сме способни да замижиме пред најчистите емоции на планетава или сме само заинтересирани за туѓите ненаклонети судбини? Приказна за универзалната победа на страста врз власта, „приказна за ронката среќа што слетува на дланките некаде од вселената и која одлетува бесповратно доколку премногу страсно се дише“

Маестрална и уникатна низа речити сакраменти на македонскиот Великан – само со замижани очи може да се доближиме до вистината, љубовта, Бога…!

СПОДЕЛИ
Претходна објаваКањонот “Антилопа” – Аризона (САД)
Следна објаваУметност со кујнски прибор
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

5 КОМЕНТАРИ

  1. Кој не ја видел – тој не се родил
    кој ја видел а не ја вкусил – тој умрел
    кој ја вкусил – тој не куртулил,
    оти ќе живее.
    Јас, а можеби и Ти

    Прекрасно дело, немам зборови, Венко е мајстор над мајсторите, искрено на себе си давам еден прекор што претходно не седнав да ја прочитам! Благодарам Ива за препораката и потсетувањето кое ми го врежи да седнам да ја прочитам!

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР