Како малечко кученце те забавував со своите лудории и те засмејував. Ме сметаше за свое дете и покрај неколкуте изџвакани кондури и униптени перници, ти станав најдобар пријател. Кога и да не „чинев“, ми претеше со прстот и ме прашуваше „Како можеше?“ – но потоа ќе попуштеше, ќе се свртев на грб и ќе ме чешкаше по стомакот.

Мојата куќна дресура траеше малку повеќе од предвиденото, затоа што беше страшно зафатен, но затоа заедно работевме на тоа. Се сеќавам на онаа ноќ кога ја буткав муцката во твојот кревет слушајќи ги твоите поверливи исповеди и скриени соништа. Верував дека животот не може да би посовршен. Одевме на долги прошетки и трчавме во паркот, се возевме со кола, застанувавме да земеме сладолед (јас добивав само празен корнет затоа што сладоледот им штети на кучињата – така велеше). Долго време лежев на сонце чекајќи те да дојдеш дома на крајот од денот.

Малку по малку, почна да посветуваш повеќе време на својата работа и кариера, како и на барањето на животна сопатничка. Стрпливо те чекав, те тешев кога поминуваше преку љубовни проблеми и разочарувања, никогаш не ти префрлав за погрешни одлуки, само весело те дочекував кога се враќаше дома, дури и тогаш кога беше  заљубен.

На твојата сегашна сопруга, која не е љубителка на кучиња, сепак и посакав добредојде во нашиот дом и пробав да и искажам љубов и послушност. Бев среќен, затоа што и ти беше среќен. Потоа стигнаа бебињата и го делев твоето восхитување. Бев фасциниран од нивната розева кожа и мирис и сакав и јас да се грижам мајчински за нив. Само што вие двајца се плашевте да не ги повредам, па најголемиот дел од времето го поминав избркана во друга соба или во мојата кучешка корпа. О, како само сакав да ги сакам, но постанав „заробеник на љубовта“.

Како што децата почнаа да растат, станав и нивен пријател. Цврсто се држеа за моето крзно, придржувајќи се на нестабилните нозе, ми ставаа прсти во око, ми ги истражуваа ушите и ме бацуваа по муцката. Сакав се што е поврзано за нив, како и нивниот допир – затоа што твојот допир беше многу редок, а јас ќе ги бранев со својот живот ако тоа беше потребно.

Ќе се бутнев во нивните кревети и ќе ги слушав нивните проблеми и тајни соништа. Заедно бевме во исчекување да го слушнеме звукот на твојат автомобил во дворот. Помина она време кога ќе те прашаа дали имаш куче, а ти ја вадеше сликата од новчаник и зборуваше убави работи за мене. Последниве неколку години одговараш само со „да“ и веднаш ја менуваш темата. Од „твоето куче“ станав само „куче“ и секој трошок на моја сметка го прифаќаше со негодување.

Сега доби нова работна понуда во друг град, каде ти и тие – „твоето семејство“ ќе се преселите во стан во кој не е дозволено чување на домашни миленици. Донесе права одлука за „своето семејство“, но ги заборави деновите кога јас ти бев единственото семејство. Бев возбуден додека се возев во автомобилот, се додека не стигнавме до прифатилиштето за животни. Замириса на кучиња и на мачки, на страв и безнадежност. Пополни еден формулар и рече: „знам дека ќе му најдете добар дом“. Тие само ги подигнаа рамениците и тажно те погледнаа. Беа свесни каква животинска реалност го очекува едно средовечно куче или мачка, дури и кога ги имаат сите потребни документи. Мораше на сила да ги тргаш прстите на твојот син кои беа закачени на мојот околувратник додека вриштеше: „Немој тато! Те молам не им давај да го земат нашето куче“. Се загрижив за него и се присетив на лекциите на кои научи за пријателството и верноста, за љубовта и одговорноста и за почитувањето за цел живот. На разделбата само ме потапка по главата избегнувајќи го мојот поглед и љубезно одби да ја земеш мојата огрлица и поводник. Беше краток со слободно време, но сега и моето време заврши.

Откако си отидовте, две љубезни госпоѓи рекоа дека веројатно си знаел за престојната преселба неколку месеци порано, но не си се ни потрудил да ми најдеш друг, посигурен дом. Свртеа со главите и си го поставија истото она прашање кое ти си ми го поставуваше мене кога бев мал: „Како можеше?“.

Овде во прифатилиштето се грижат за нас онолку колку што им дозволуваат нивните бројни обврски. Не хранат, нормално, но јас изгубив апетит веќе одамна. Во почетокот, кога и да пројдеше некој покрај мојот бокс, ќе отрчав до предниот дел од боксот, надевајќи се дека си тоа ти – дека си се предомислил – дека ова бил еден лош сон…или би се понадевал дека тоа може да биде барем некој кој се грижи за мене, било кој, некој барем да ме спаси. Кога сфатив дека неможам да се натпреварувам со трикови за одвлекување на внимание од весели кученца, несвесни за својата судбина, се повлеков во еден осамен агол и чекав.

Ги слушнав нејзините чекори кога дојде по мене на крајот од денот. Ме стави на маса, ме помилува по ушите и ми рече да не се грижам. Срцето ми биеше во исчекување на она што следи, но исто така беше присутен и осетот на олеснување. На заробеничката на љубовта и истеше времето. Како што и е по моја природа, повеќе се загрижив за неа. Товарот на времето кој го носи е тежок и јас тоа го знам, исто како што го знаев секое твое расположение.

Нежно ми ги превитка предните нозе во завој додека солзи и течеа по образите. Ја излижав нејзината рака на ист начин на кој и тебе некогаш ти ја лижев пред многу години. Стручно ми ја забоде иглата во вена. Кога го осетив убодот и ладната теќност како се движи по моето тело, легнав поспано, ја погледнав во нејзините племенити очи и помислив: „Како можеше?“.

Можеби затоа што го разбра мојот кучешки говор, ми рече: „Многу ми е жал“. Ме гушна силно и ми објасни дека нејзина работа е да се потруди да отидам на некое подобро место, каде никој нема да ме игнорира, или злоставува, или напушти, или каде нема да морам да се грижам за самиот себе, на место полно со љубов и светлост, толку различно од ова на Земјата. Со последните сили и замавнав со опашката, пробувајќи да и дадам до знаење дека моето „Како можеше?“ не беше упатено кон неа. Тоа беше за тебе, мој сакан господару, на тебе мислев. Ќе мислам на тебе и ќе те чекам засекогаш.

ИСКРЕНО СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СЕКОЈ ШТО ЌЕ СЕ ПОЈАВИ ВО ТВОЈОТ ЖИВОТ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ТИ ИЗРАЗУВА ТОЛКАВА ЛОЈАЛНОСТ!

извор | www.kupimilenik.mk

1 коментар

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР