Во соработка со регионалната интернет-телевизија, Pickbox.tv, на задоволство на нашите читатели денеска го имаме интервјуто со главната протагонистка во мега-популарната серија “Скандал“ (Scandal), Кери Вашингтон.

Што направивте за да го истражите ликот и светот во кој таа работи?

КЕРИ ВАШИНГТОН: Поминав многу време со Џуди Смит во развивањето на ликот. Кутрата Џуди, никој не ѝ кажал дека јас сум актерка која обожава да истражува! Ми ги даде сите нејзини телефонски броеви, домашниот, мобилниот и од работа, и ми рече да ѝ се јавувам во кое било време, па тоа и го правев. Па, минувавме многу време заедно и мислам дека малку ја спобудалев Џуди, но мислам дека цени колку го почитувам тоа што го прави, а и тоа што сакам да го претставам на колку е можно поискрен и повистинит начин. Сѐ уште разговараме и за секоја епизода се слушаме по телефон за да ги анализираме реалностите од нејзината работа во врска со секоја од епизодите, а тоа ми е од непроценлива важност.

Тоа е лик што го сакаме и го мразиме речиси веднаш, и двете чувства одеднаш. Дали ја мразиш малку? Дали подоцна ја засакуваш? Што мислиш?

КЕРИ ВАШИНГТОН:  А бе, знаеш, ми се допаѓа кога Шонда вели дека сака да пишува ликови со маани бидејќи реалноста е дека сите си имаме маани. Нема ниту едно совршено човечко суштество во животов, иако многумина од нас се преправаме дека сме. Па, кога Шонда вели дека опишува луѓе со маани, под тоа подразбира дека создава вистински ликови, ликови кои се тридимензионални, целосно реализирани човечки суштества, а тоа е одлично за секој актер бидејќи често мораме да ја создаваме тродимензионалноста на некој лик. Но, кога тоа ти се дава, супер! Навистина сакам да играм сложена жена. Но секогаш го барам доброто во ликот. На пример, за мене, кога размислувам за таа сцена, не сум злобна кон неа. Ништо што ќе речам дека ќе се случи не е вистина.

Сите тие работи, дури и ако лаже, а знаеме дека не лаже, но, дури и да лаже, тие работи би ѝ се случиле и сакам да го знае тоа за да не мора да минува низ тоа. Значи, не сум само насилник. Навистина се обидувам да ја заштитам додека си ја поправам мојата криза.

А што ќе кажеш околу поставувањето на серијата во политичкиот свет? Мислам дека долго време постоеше непишано правило дека тоа не е место каде што публиката од примарните термини сака да оди.

КЕРИ ВАШИНГТОН: Една од интересните работи околу управувањето со кризи е што никогаш не знаеш што ќе ти влезе низ вратата. Па, поставувањето на дејството во Вашингтон е возбудливо бидејќи тоа е центарот на моќта за многу различни индустрии од многу различни полиња. Но во секоја епизода е непредвидливо кој влегува во нашата канцеларија, дали се работи за некој од војската, за некој политичар, некој од светот на бизнисот или некој од синдикалното движење, славна личност или спортист. Мислам, не знаеш кој ќе влезе низ вратата. Па, Вашингтон е возбудлив контекст во серијата, но тоа не е политичка серија бидејќи се справуваме со кризи од сите области.

Дали семејството Обама го гледа шоуто?

КЕРИ ВАШИНГТОН:  Ги немам прашано бидејќи знаев дека многу ќе ме прашуваат за тоа, а не сакам да ги ставам во таква положба. Но, имам пријатели кои работат во Белата куќа и на кои многу им се допаѓа серијата.

„Скандал“ е првпат Афроамериканка да биде ѕвезда на американска телевизиска драма по 40 години. Дали беше изненадена од тоа?

КЕРИ ВАШИНГТОН: Кога некој првпат ми ја кажа таа статистика бев шокирана. Си помислив: „Аха, ова го немам видено во мојот животен век“, значи дека поминале речиси 40 години. Па, сфаќам зошто луѓево прават голема работа околу тоа бидејќи е шокантно. Не е шокантно тоа што се случува сега, туку шокантно е што поминало толку време.

Како ја воспостави хемијата помеѓу Оливија и Фиц?

КЕРИ ВАШИНГТОН: Не ја воспоставивме. Не сакаме многу да зборуваме за тоа бидејќи не сакаме да нѐ фати малер. Мислам дека најмногу се работи за почит. Тони и јас никогаш порано немаме работено заедно како актери, но имаме работено заедно во Вашингтон, лобирајќи на Капитол Хил, заедно разговарајќи со конгресмени, па претежно се познававме во некој политички контекст. Едноставно, имаме голема меѓусебна почит за  интелигенцијата и професионалноста, работната етика и талентот. Мислам дека почитта е една од најбитните работи во секоја врска.

Дали мислиш дека Олива и Фиц може да живеат среќно до крајот на животот?

КЕРИ ВАШИНГТОН: Не знам. Тоа е прашање за Шонда Рајмс. Се надевам дека и двајцата ќе најдат среќа, без разлика на сѐ. И двајцата секако заслужуваат среќа. Ќе биде интересно да видиме дали тоа може да се случи и како.

Правиш многу работи. Ја имаш серијата. Работиш во филмови. Политички активист си. Се прашувам како успеваш сето тоа да го усогласиш.

КЕРИ ВАШИНГТОН: Според мене, тоа е смешно прашање бидејќи седам помеѓу овие две жени кои прават толку многу работи секој ден. Не знам како Шонда спие навечер со ликови од три серии во нејзината глава и со нивните сложени животи полни со маани. А толку е забавно со Џуди да играш игра наречена „Каде ли е Џуди Смит?“ Ќе ѝ се јавам, а понекогаш не знае да ми каже. „Не можам да зборувам за тоа, Кери“. „Аман“! Мислам дека сум навистина среќна и во животот имав навистина многу среќа што сум опкружена со жени кои се одлични во правењето повеќе работи и кои веруваат дека можат да придонесат на повеќе нивоа. Мислам дека тоа е најдобриот одговор на прашањето. Но, верувајте ми, овие жени прават многу повеќе од мене секој ден.

Ти помагаат? Очигледно ти се инспирација.

КЕРИ ВАШИНГТОН: Многу сум инспирирана од продуцентите на оваа серија. Мислам, погледнете ги овие жени и сето тоа е многу…. Не знам. Мислам, иако тукушто реков дека сите не ѝ служиме на една личност, ќе кажам дека како актерска екипа, тоа го правиме. Се чувствуваме толку должни кон нив поради оваа шанса бидејќи, едноставно, обожаваме што сме дел од серијава. Чувствувам дека сите ние учиме толку многу секој ден, едни од други, на толку многу нивоа. Секој ден кога се враќам за да работам на оваа серија се чувствувам како на час, каде ги гледам колегите актери и крадам работи за својата глума, но учам и работи за стратешките начини на размислување, за вршењето повеќе работи истовремено, за историјата. Оваа серија толку многу нѐ збогатува. Нашата најголема надеж и сон за серијата е луѓето да се забавуваат гледајќи ја, исто толку колку што ние се забавуваме правејќи ја, бидејќи е работа од соништата.

Сите епизоди од серијата “Скандал“, се достапни на Pickbox.tv, проверете !

СПОДЕЛИ
Претходна објаваФото на денот | Магија на есента
Следна објаваНеделен репертоар на Драмскиот театар (13.10 – 18.10)
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР