,,Месец на дизајн’’ (,,Mesec oblikovanja’’) во Љубљана е еден од најпознатите годишни настани во Словенија, чија традиција бележи повеќе од една деценија постоење. Во организација на Zavod Big и Hiše Magazine, овој интернационално признат фестивал за продуктен дизајн, архитектура и мода е мост помеѓу успешните компании и нивните дизајнерски стратегии, дизајнери и развивачи со бизнис визија, како и експертите за брендови, кои знаат како да ја ,,уловат’’ пазарната имагинација. Секоја есен, од почетокот на октомври па се’ до ноември, младите дизајнери и креативни дејци од регионот и пошироко ги изложуваат своите изработки, уметнички дела и сѐ што е поврзано од областа на дизајнот. Целта e преку тематски организираните изложби и модни настани, работилници и бројни предавања да се изврши креативна размена на знаење и искуства помеѓу учесниците од различни земји, да се покрене креативноста и конкуренцијата во бизнисот и општеството, да се воспостави трансфер на знаење помеѓу развиените и помалку развиените економии,но и да се нагласат стратешките, економските и културните предности на дизајнот.

Оваа година ,,Месец на дизајн’’ се одвива во напуштените простории на печатницата „Младинска књига“ во Љубљана, од 6 октомври до 6 ноември 2014 година. Вниманието на годинешниот фестивал е насочено на меѓународната изложба на производи и моден дизајн ,,Брендови и знаци” (Brands & Signs’’), презентирајќи дизајни на внимателно избрани креативни дела од Југоисточна Европа, меѓу кои и неколку со македонски потпис.

2

Официјалната публикација на настанот е каталогот кој ги содржи најважните информации за домашните и интернационалните трендови од продуктниот, модниот и дизајнот на ентериер. Во него се нотирани и сите добитници на награди, иновативни дизајнери, архитекти, модни дизајнери, словенски и странски брендови кои се претставуваат на дизајнерската конференција.

Првиот ден го отвори свеченото доделување награди на најзаслужните локални создавачи од повеќе сфери на дизајнот, со што и официјално беше означен почетокот на најновото издание на ,,Месец на Дизајнот 2014”.

3

Во минималистичкиот, но ефектен изложбен простор на Дунајска 123, присутните гости беа во прилика премиерно да ги погледнат изложените експонати, меѓу кои и врвни креативни дострели на дизајнерите од целиот регион, поставени на мини штандови од сложени картонски коцки.

Вториот ден, пак, се’ мина во знакот на меѓусебно запознавање, дискусии и размени на искуства помеѓу учесниците. Дизајнерите имаа можност и да остварат средби со сопствениците на концептуални продавници од регионот, организатори на модни настани, како и претставниците од Модната недела во Љубљана.

4

Финишот на вториот ден беше резервиран за уметничкиот моден перформанс ,,Identity”, кој на едно место ги обедини глобалните модни интерпретации на тема гардероба и идентитет. Користејќи еден ист моден крој 18 дизајнери, меѓу кои и LUDUS од Македонија, го прикажаа својот дизајнерски идентитет, користејќи интересни материјали и доработки.

Во текот на следниот месец љубљанската, а и пошироката публика ќе има можност да се запознае со креациите и на македонските млади, но и етаблирани дизајнерски имиња од домашната дизајнерска сцена. Со своитe модели во Љубљана допатуваа: Ирина Тошева, Мелани Димитровска, Никола Петровски, Драган Христов- LUDUS, Александра Шекутковска -THE URB CLV, Славица Котевска Цаци и Атеље Љутикова.

5

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНобелова награда за литература 2014
Следна објаваВинтиџ фризури за уникатен изглед
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ