Кога би можеле да изберете дестинација каде со задоволство би побегнале во моментов, знаете ли која би била таа? Пронајдовме точно дванаесет светски локации чии глетки се воодушевувачки, а дел од нивната магија ја сочинуваат базените. Погледнете кои се најубавите базени долж светските меридијани.
1.Anantara Golden Triangle Resort (Чианг Раи, Тајланд)
Посетителите на овој живописен еколошки ресорт на Тајланд имаат ретка можност, од изгрев па се’ до зајдисонце да уживаат во кружните базени со поглед на Лаос и Бурма.
2.Amangiri Big Water (Јута, САД)
По малку необична локација за исполнување на хедонистичките задоволства. Овој убавец се наоѓа во заштитена долина во јужниот дел на државата Јута, речиси на самата граница со Аризона. Погледот на кањоните го одзема здивот и е дефинитивно единствен.
3. Hanging Gardens Ubud (Бали, Индонезија)
Светските патници го оценија луксузниот бутик-хотел на Бали како еден од најубавите. Магичната идила ја сочинуваат стрмни тераси на кои се одгледува ориз, опкружени со дрвенести шуми и висечки градини, како и еден од најубавите ,,бескрајни’’ базени со поглед на шумските врвови. Mесто на кое би се чувствувале како владетел на џунглата!
4. Holiday Inn Shanghai Pudong Kangqiao (Шангај, Кина)
Главна атракција на бизнис центарот во Шангај е базенот со проѕирно дно, сместен на 24-тиот кат од хотелот. Можете ли да замислите како изгледа оттаму погледот на улицата?!
5. Hotel du Cap Eden-Roc (Антиб, Франција)
На југот од Франција, сместен е луксузен хотел чиј базен е длабоко врежан во природните карпи. Овозможува прекрасна глетка на морето и залезот на Сонцето, па затоа е еден од омилените ,,бесконечни’’ базени на ѕвездите.
6. One & Only Reethi Rah (Малдиви)
Воодушевува со самиот видик на тиркизното море, а неверојатно тешко е да разликувате каде престанува базенот, а почнува океанот. Малдивите се место за рајски одмор.
7. Ski Portillo (Чиле)
Дека добрите нешта се случуваат на врвот, потврдува и ова омилено чилеанско скијалиште. Добро загреаните базени се кријат на самиот планински врв, откривајќи фантастична панорама на снежните падини.
8. Wildflower Hall (Шимла, Хималаи)
Остануваме на врвот, но ќе одлетаме до Истокот, на едно од најубавите подрачја во светот – Хималаите. Луксузниот хотел е сместен на врвот на планината, а надворешното џакузи е еден од неговите главни адути. Совршен за опуштање со воодушевувачки глетки на на хималајските планини.
9. The Library Koh Samui (Тајланд)
Еден од најспектакуларните базени е со сигурност ,,црвениот’’ базен на Тајланд. Со својата боја отскокнува од се’ што е вообичаено, а се наоѓа веднаш до морето, постојано изложен на тивкиот морски ветар. Мозаикот од портокалови, темно црвени и жолти плочки се заслужни за брилијантниот дизајн на базенот.
10. The Westin Maui Resort & Spa (Хаваи, САД)
Кога го замислуваме совршеното летно сценарио, веројатноста тоа да биде на Хаваите е многу голема. На островот Мауи се крие егзотична летна оаза, исполнета со низа кружни базенчиња кои се испреплетуваат меѓусебно. Вистински рај за душата, уживајќи со летни коктели под сенките на палмините дрвја.
11. San Alfonso del Mar (Чиле)
Oфицијално најголемиот базен во светот се наоѓа на чилеанскиот брег, веднаш до песочната плажа. Дефинитивно е и еден од најубавите, зар не?
12. San Antonio (Санторини, Грција)
За крај, остануваме во Европа, патувајќи до еден мал, но луксузен хотел на Санторини. Сместен е на само 100 метри надморска висина, а нуди величенствен поглед на морето и грчките острови.