Најзаслужна за изгледот и целокупното уредување на овој отмен животен простор е дизајнерката Cristina Jorge de Carvalho. Станот е сместен на одлична локација во Лисабон, Португалија, а главното барање било ентериерот комплетно да го одразува космополитскиот начин на живот на успешна деловна личност. Архитектонскиот стил на зградата бил поjдовната точка во осмислувањето на целиот проект, а потоа и личните желби и вкусови на сопствениците. Располага со површина од 125 метри квадратни, а дизајнот е мешавина од различни правци, стилови и елементи кои заедно формираат атрактивна визуелна целина. Комбинацијата на винтиџ парчиња со дизајнерски класици му дава елегантен карактер, а пред се’ безвременско чувство на просторот. Архитектката е одговорна и за дизајнот на повеќето парчиња мебел во станот, но и за изборот на уметничките дела и украсите кои имаат значајна естетска функција во овој современ простор за живеење. Раскошниот мебел, мароканскиот килим и клупата од темно дрво внесуваат луксузна нота во амбиентот. Мебелот во дневната соба е многу модерен, и иако сите парчиња се различни, со многу вкус се вклопени во ентериерот. Боите и материјалите, во тандем со декоративните елементи му даваат удобност, комфор и пријатна атмосфера. И трпезаријата е стилизирана во сличен манир, со модерна бела маса и разнолики столици околу неа. Поставени со во пар, едни наспроти други, создавајќи интересен и необичен ефект. Маркантниот стаклен лустер со детали од месинг дополнително го зачинува динамичниот трпезариски простор. Убавите дрвени подови, пак, внесуваат топлина и го облагородуваат целиот ентериер. Спалната соба ја следи истата тема, па деталите се во мека палета на бои, а ѕидовите суптилно бојадисани во бела и смирена аква – зелена нијанса. Бањата е топла и функционална, со доминација на сивата боја и дрвото, но и во овој интимен простор воочливи се необични и неочекувани декоративни елементи, како што се кристалните свеќници. Покрај црната како главна боја за кујнските елементи, кујната е светла, практична и со чисти линии. Старинскиот кристален лустер и сребрениот сет за чај му подаруваат шарм и индивидуалност на просторот. Она што дефинитивно освојува е и прекрасно средениот орман во кој може да се чекори. Преубава инспирација од магичниот Лисабон!