Дизајнерките Катерина Попева и Марија Дацевска од ателјето „Hard to explain“ вчеравечер со моден преформанс во Старата скопска чаршија го започнаа ревијалниот дел на деветтото издание на Моден викенд Скопје. Пред самото ателје беа прикажани вкупно дваесет креации за актуелната сезона, од најновата колекција наречена „Раскажувачот“. Моделите беа презентирани низ моден пеформанс испратен со звуци на виолина и раскажувач кој раскажа за инспирацијата на двете дизајнерки.
,,Главната цел на оваа колекција е низ перформанс да се раскаже една посебна приказна за градот Скопје, кој погледнат од очите на авторите на оваа колекција е сместен на калдрмата во чаршијата и живее една своја посебна бајка.“ – велат Попева и Дацевска, и додаваат дека креациите се повеќесезонски и авангардни.
Колекцијата „Раскажувачот“ за пролет/лето 2014 е составена воглавно од фустани и здолништа изработени од природни материјали, памук, свила и претежно во сива, виолетова, крем и зелена боја.
Моден викенд Скопје продолжува вечерва со ревијата на модната куќа Елена Лука во Музејот на македонската борба за државност и самостојност со почеток во 20 часот.