Зборовите кои ја расплакуваат душата се зборови на сведоштвото. Писателот најдобро пишува кога пишува за знајното, за она кое му се вовира во омаените сништа кога ќе се потпре на зглавјето, за она кое никој не може да му го одземе, за минатото кое со никаков напор не би можел да го напади од своината. Писателот најдобро пишува за нештата кои го колнат, за солзите кои му навјасуваат во очите и му ги горат образите, за треската кое му го расчеречува немоќното тело, која го тера да вресне кога не може да испушти ни мрмор. Затоа, сомлен, ги реди зборовите на хартијата, како бучни слапови кои му ги прелеваат мислите. И создава приказна, го зацврснува својот глас, глас кој читателот го чувствува како вжарен јаглен врз кожата, глас кој го тера и тој самиот да се прероди меѓу редовите, зашто зборовите кои минуваат подигаат споменици на отстоените во ровкото паметење нешта, слични или исти со судбата на ликовите кон чии души му е закочен погледот. Чувствува кога душата му трепери, чувствува кога писателот му зборува нему и само нему, кога го изделува од светот, а сепак зад него и пред него ги влече останатите кои се вкопале меѓу страниците и, не му е важно што не е единствен, важно му е што е посебен. Важно му е што оној кој со зборови го погодува, му шепоти дека маката му е судена, за среќата да му е напати поголема. И никогаш, никогаш мачнината не е несносна. Тој најдобро знае. Тој кој напишал. Тој кој со пот на челото минал бессони ноќи со перото в рака, тој кој сакал да создаде, кој сакал да го каже она кое му ги раскинувало мислите. Тој кој сакал да остане, да продолжи да постои секогаш, никогаш смртноста да не го срази со земјата, да се издигне до облаците и да појде во вечноста, во вечноста на историјата, на списите, на оставнината. Тој кој никогаш не би дозволил да остане во бледата зора на постоењето како само уште еден човек.

– Верче Карафилоска

* сликата погоре припаѓа на реализмот,
со наслов „Young Girl Learning to Write“ – дело на Camille Corot.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваMax & Co. | пролет/лето ’14
Следна објаваЉубов засекогаш
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР