Еден ден, кога бев прва година во средно училиште, видов едно дете од мојот нов клас како си оди дома после часови. Неговото име беше Кајл. Изгледаше како да ги носи дома сите свои книги, па си помислив „зошто некој би ги носел сите книги дома во петок? Овој тип мора да е бубалица…“. Имав испланирано цел викенд, забави навечер и фудбал преку ден, па така се спремив и излегов. Како што чекорев, видов група момчиња како трча кон Кајл. Го обиколија и турнаа на земја – неговите книги ги расфрлија по улицата, додека неговите очила завршија во тревата неколку чекори пред него. Тој погледна нагоре и видов солзи во неговите очи.

Навистина се потресов. Веднаш се упатив кон нив и ги избркав. Тој ги бараше неговите очила, допирајќи ја улицата со дланките, додека јас тргнав да ги земам. Му ги подадов и му реков „овие момци треба да си набават живот. Вистински кретени!“. Ме погледна зачудено и ми се заблагодари. Насмевка се појави на неговото лице, една од оние што покажуваат благодарност. Му помогнав да си ги собере книгите и го прашав каде живее – се испостави дека ми е сосед, па го испратив кон неговата куќа, носејќи му ги книгите. Испадна дека е навистина фина личност. Го поканив на фудбал утредента. Прифати и дојде.

Се дружевме цел викенд. Колку повеќе го запознавав Кајл, толку повеќе ми се допаѓаше. И сите мои пријатели го прифатија како да го познаваат отсекогаш. Утрото во понеделник, повторно го видов како оди кон училиште со сите книги во неговите раце. „Ти навистина ќе направиш мускули вака, пријателе!“, низ смеа му реков и му помогнав да ги однесе во училиште. Искрено се насмеа и повторно ми се заблагодари. Следните години од средно училиште, јас и Кајл станавме најдобри пријатели. Кога стигнавме четврта година, се одлучивме за различни факултети, но бевме сигурни дека нашето пријателство ќе трае засекогаш. Тој реши дека ќе биде доктор, додека јас одлучив да ја искористам стипендијата за фудбал…

Кајл заврши како првенец на генерација. Го задевав дека е бубалица, но не му пречеше тоа. Требаше да подготви говор за денот на дипломирањето. На тој ден, го видов Кајл и тој изгледаше одлично. Беше еден од оние типови што се пронаоѓаат себеси во средно, знаат што ќе бидат во животот. Навистина беше преубав со тие негови очила. Ќе признаам, некогаш му завидував. Тој беше попаметен од мене и девојките го сакаа. И денес се случи истото, му завидував, но не дозволив тоа лошо чувство да надвладее. Само му довикнав – „пријателе, ќе бидеш одличен“, при што тој ми даде еден од оние погледи, кои зрачат со благодарност исто како денот кога се запознавме.

Пред да го започне неговиот говор, го прочисти грлото. Почна. „Дипломирањето е вистинското време да се заблагодариш на оние кои ти помогнале додека траело средното образование. Твоите родители, професорите, роднините, можеби тренерот – но, никој како твоите пријатели. Јас сум тука да Ви кажам дека тоа што сте нечиј пријател е најдобриот подарок што некогаш сте им го дале. Затоа, ќе Ви раскажам приказна…“. Го гледав со неверување додека раскажуваше како сме се запознале. Планирал да си го одземе животот тој викенд. Зборуваше дека си го исчистил училишното плакарче за да не мора подоцна тоа да го прави мајка му и затоа ги носел тие книги дома. Натажен поглед впери во мене, па ми се насмевна. „Насреќа, бев спасен. Мојот пријател ме спаси од смрт“.

Следно што слушнав беа овации од публиката, громогласен аплауз за ова прекрасно, популарно момче кое со нас го сподели својот најслаб момент. Ги видов неговите родители кои се упатија да ме прегрнат. Сета благодарност за нешто што не го знаев. А во тој момент, ја осознав неговата длабочина.

Никогаш не ја потценувајте моќта на Вашите дела. Мал гест може да го смени животот на другите.

СПОДЕЛИ
Претходна објава5 потценети романи од големите автори
Следна објава9.Моден викенд Скопје | Април обоен во магента
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР