Крадачка на книги – Маркус Зусак

62_35_49_19__30__8_2013K-NEWkupi

,, Јас ги мразев зборовите и јас ги сакав, и се надевам дека ги напишав правилно.”

Дали некогаш сте завршиле со читањето на една книга, со чувство како самите да сте учествувале во истата? Како нем набљудувач, тивок посетител низ редовите и ожалостен, далечен роднина кој не може да ги прифати промените во сижето? „Крадачка на книги“ не е оној тип кој ќе Ви дозволи да читате компулсивно, очајно и брзо – всушност, препораките насочуваат да ја читате полека и со внимание, во мали дози за да успеете да ја апсорбирате аромата и моќта на зборот. Затоа што не можете да претпоставите што ќе се случи. Смртта нема трпение за мистерии. Сепак, исчекувањето на истата, неизбежната природна ситуација прави да чувствувате студ во градите, болка во главата. Целото тело одбива да се обвие во негативни чувства, но умот знае што доаѓа и знае дека единствената неизвесност е прашање на време… г-дин Зусак наоѓа начин да им даде свеж пристап на многуте перспективи на оваа книга. Тој успева да го пренесе лелекот на скриените луѓе во германските подруми, волјата на членовите на Нацистичката партија, човечноста кај ретките луѓе кои може да се наречат луѓе и приказната на малечката Лизел, крадачката на книги, која не украде повеќе од 3-4 книги.

,,Тоа е една мала приказна, навистина за, меѓу другото:
– девојка
– некои зборови
– еден хармоникаш
– неколку германци-фанатици
– еден евреин
– многу кражби.”

Осудувајќи ја човечката беда и славејќи ја моќта на јазикот, „Крадачка на книги“ ја илустрира Германија во периодот од 1939-1943, најтурбулентни години за кои најчесто светот се сеќава на жртвите и виновниците, без притоа да обрне внимание на многуте случајни германски судбини кои се нашле на местото на злосторот во погрешно време. Сираче кое за прв пат се соочува со Смртта како наратор на пат кон домот на своите посвоители, кога таа одлучува да ѝ го одземе братчето, притоа оставајќи ѝ прилика да украде една книга, „Прирачник за гробари“, која Лизел ја наоѓа фрлена во снегот близу неговиот гроб. Со елементи на нералност и саможивен сјај на смртта, со отворен пристап кон темата „холокауст“ – преку енергична, млада хероина која на почетокот не знае да чита, но подоцна ги владее зборовите како апсолутна господарка, давајќи слобода на сопствениот ум и интерпретирајќи храброст за нештата кои воопшто не зависат од неа. Со евидентен премин на насилно преминување во светот на возрасните, 9 годишната Лизел го одржува младешкиот сензибилитет во романот, притоа дозволувајќи му на авторот да си поигра со нејзиниот интерес за момчиња затекнат во ликот на Руди, момчето со коса во боја на лимон. Во хитлерова униформа, Лизел живее со своите посвоители во неочекувано разбирање и очекуван страв од режимот: особено кога една ноќ, еден Евреин бара засолниште во нивниот дом. Макс станува пријател на Лизел, наведувајќи ја да го развива својот раскажувачки капацитет и подарувајќи ѝ книга, „Мојата борба“, на која ѝ ги обои страниците во бело. Истата успева да добие нов живот, додека Лизел пишува и ја запечатува својата вечна, братско-сестринска врска со Евреинот… можно е да бидете поразени и импресионирани од нејзиниот живот и нејзината волја за живот, но не е можно да поверувате дека оваа книга е чиста фикција.

,,Стоеше во водата, до појас неколку моменти пред да излезе и да ја ѝ ја даде книгата. Панталоните се лепеа за него, но тој не запираше. Навистина, јас мислам дека тој беше исплашен. Руди Штајнер се плашеше да ја бакне крадачката на книги. Тој мора да копнееше многу. Тој мора да ја сакаше неверојатно многу. Толку многу што тој никогаш не ќе ги побара нејзините усни и ќе оди во гроб и без нив.”

,,Единственото нешто полошо од момче кое те мрази е момче кое те сака.”

Со тенденција да стане задолжително четиво во училишната литература, бидејќи несмасните и недоволни препораки и критики на читателите ширум светот со децении не ќе успеат да ја пренесат тежината на овој модерен класик – иако истиот ќе доживее пренесување долж многу генерации. Смелоста на Маркус Зусак да искомбинира жив хумор со морбидна депресија создавајќи вистинско богатство во срцето на читателот, преку избалансирана приказна која покажува дека Германците кои немаат руса коса и сини очи се изложени на ризик. Со поетски прогон на ужасната човечка природа, со длабок повик кој повикува на будење, изречен од искрената душа на една мала учесничка во Втората светска војна: оваа книга има аргументи кои ќе Ви ја изместат смислата на Вашето постоење. Оваа книга мелодраматично ќе Ви објасни и ќе Ве натера да плачете. Да плачете, многу.

,,Гледате? Дури и смртта има срце.”

Коментари

коментари

НЕМА КОМЕНТАРИ