„Оние кои се родени во богатство и имаат средства за задоволување на секоја желба не знаат што е вистинска среќа во животот. Исто како оние кои биле фрлени во бурните води на океанот со неколку изнемоштени штици кои сами го сфаќаат благословот на праведното време.“

Нема литературен квантитет кој може да биде изречен или напишан за оваа книга што не е кажан или публикуван предходно – книга која полноправно го носи името „класика“, без да има одлики на здодевни страници бидејќи адреналинот на самата сторија внесува зависност и забава до самиот крај. Дима продолжува да твори и по „Тројцата мускетари“, имено, без да забележи, создавајќи го четвртиот од нив: млад човек на кој судбината му го свртува грбот иако тој има престиж на работното место и успева да биде унапреден во капетан на бродот, прекрасна свршеница која го сака со целото срце и светла иднина во која јасно може да погледне и ужива. Наместо сето тоа, зависта од неговиот надреден, сега веќе подреден колега, а патем и неговиот најдобар пријател – синот на грофот Мондего му сместуваат судска стапица каде што тој завршува во притвор. Иако судијата Вилфур вели дека нема друга вина освен својата наивност во пост-наполеонова ера… Едмонд Дантес завршува во Chateau d’if затворот.

„Моралните рани ја имаат оваа одлика – тие може да бидат скриени, но тие никогаш не се затвораат, секогаш болат и секогаш се подготвени да искрвараат на допир… тие остануваат свежи и отворени во срцето.“

Последното патување на Дантес како втор офицер се случува на островот Елба, каде што самиот император, иако поразен, Бонапарта бара од него да пренесе писмо до негов пријател до родниот Марсеј. Годината 1815 е растргната помеѓу бонапартистите и ројалистите, нестабилноста на Франција и опсадата на Париз е повеќе од погодна за љубоморните (не)пријатели да ги добијат неговата позиција и неговата свршеница… додека тој е во островска зандана, комплетно заборавен од светот. Тука нека стигнува и информација дека тој е егзекутиран. Во Chateau d’if, Дантес трпи секакви насилства и понижувања, го достигнува човечкото дно се’ додека случајно не се запознае со свештеникот кој престојува во истиот затвор. Планот за бегство на свештеникот е прифатен од страна на младиот Едмонд, а додека траат подготовките и копањето тунели, свештеникот го учи Дантес наука, јазици, мечување. Едмонд Дантес успева да избега по долги 13 години, попаметен и посилен; со аманет од покојниот свештеник и со одмазда која му ја гори душата – „сета човечка мудрост е содржана во овие два збора – Чекање и Надеж.“ Комплициран и суптилен план кој започнува до откривање на одамна скриено богатство на островот Монте Кристо, со интегрирање на себеси во високите кругови на Париз како грофот од Монте Кристо, во животите на сопствените непријатели – а највеќе, во домот на грофот и грофицата Мондего, каде што неговиот поранешен најдобар пријател Фернан живее со својата сопруга, имено поранешна свршеница Мерцедес, со нивниот син Албер.

„Животот е невреме, мој млад пријателе. Ќе уживаш во сонцето еден момент, а веќе во следниот си втурнат во карпите. Она што го прави човекот човек е неговото однесување кога бурата надоаѓа. Мора да погледнеш во бурата и да викнеш како што тоа го направи во Рим – „направи го најлошото, зошто јас ќе го направам моето! Тогаш судбината ќе те знае како што те знаеме ние.“

Книгата оди подалеку од првично замислената приказна за одмазда. Авантуристички роман со историски белези, кој од своето објавување во 1844 година па до ден-денес останува актуелен позади својата длабока суштина – со романтични показатели, како за периодот, така за односите, Дима успева да го дефинира карактерот на оваа книга преку нераскинливата врска која успева да се одржи помеѓу Едмонд и Мерцедес. Постои можност за љубов во неговиот живот, ако тој не е толку заслепен од одмазда. Постои можност за вера во неговата судбина, ако тој не е толку ужаснат од помислата на Бог! Она што го диктира темпото на романот е комплекноста на одмаздничките шеми на Дантес и начинот на кој авторот ја претставува истата: со напнатост и зависност. Важен цитат се случува непосредно пред крајот: „Како избегав? Со тешкотии. Како го планирав овој момент? Со задоволство.“! Но, на крајот, сепак остануваат две важни прашања… Дали злото е апсолутно или секој грев на светот е обоен со иста четка која нема тенденција да се замени или искупи? И дали грофот од Монте Кристо, порано познат како Едмонд Дантес е чудовиште или маж?

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСтилски стан со фини украси
Следна објаваСите умираат по некоја друга личност
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР