OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Полуапстрактните, недоразбудени шари од сонце на бетонските коцки си го наоѓаат патот кон нашите прагови. Бетонот, несвесен колку кондури и покондурени ќе го изгазат и колку ќе гори од жештина и ќе се бори да не распука на – благо кажано – немилосрдното сонце, молчи и трпи. Исто како безвучна паралела на мојот лик, пред да ме разбуди сопствениот живот. Таквото мото „ќути и трпи па сите ќе те сакаат“ не носи блаженства туку тежина во душата горчлива како моето турско кафе.

Бесцелни, нафрлани безредија од зборови не биле никогаш дел од мојот творечки ентузијазам зашто мојот збор тежи од поента. Им нависнува на неизговорените зборови како костен во есен, како црешов цвет во пролет, како спарина во лето, како снег на оголено гранче во зима, како роса на лист во мугри… Во една таква безречна прилика, имам чест да препознаам знак кога не сум го побарала. Гулабот кој секое сабајле во точно определено време се труди да го пречекори прагот од мојата балконска врата конечно успеа. Имаше цел, иако целта на неговата цел му беше непозната. Ме натера да се однесувам како квази-улава невротика од ептен рано, а си имав испланирано покасно да си ја почнам рутината. Ме разбуди (читај: ме извади од памет со несинхронизирани нинџа потези) со неговото (не)милозвучно гукање, па сакав да најдам причина за неговата посета и упорност. Не знам што барал во мојата соба во 7 сабајле, ама му честитам на храброста да застане на 10 сантиметри растојание на заспано човечко суштество и да гука како задавен. Си реков – можеби едноставно му се гукало, имал инспирација, а немало кој да му ги чуе вокалните способности, а мојата соба му создавала ехо па си ги испробувал октавите. Или сакал да исценира (само)убиство.

Подлабоката суштина на гулабот е многу поедноставна.

Од неговата бесцелна упорност научив дека мора да си таков за да ја постигнеш целта, каква и да е. На патот до таму ќе досаѓаш, ќе бидеш одбивен, одбиван, бркан, ќе те замразат, ама откажување не смее да постои во било каква форма. И како знак на триумф, гукај на цел глас за сите да те чујат. Само што, успехот е еднаков на нула ако немаш со кого да го споделиш. Зеро, нил, нихт, ништо, натинг.

Ја гледам улицата како почнува да се буди и си велам – штета што не може да го осети кафево мое горко пелин, ама ако подразмислам, да имам видено и чуено сѐ што улицава доживеала во последниве 50тина години – не кафе, дајте ми чист пелин да се отрујам.

Фросина Анѓелкоска

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваБиблио-биро | Delft University
Следна објаваШто значи да се чита | Iran Cartoons
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР