01

Ги сакам нештата со душа. Така и ги гледам за целосно да ги доживеам. Секогаш се надевам дека таа моја особина која на многу луѓе им недостига ќе ми донесе нешто што многу луѓе го немаат. Ги сакам и луѓето со душа. Можеби тоа е малото клештесто пустинско животинче, ноќниот ловец во мене кој знае дека под жешкиот песок се крие студена земја за починка и јас ги почитувам неговите инстинкти. Родена сум за писателските пустини и не би преживеала ни милисекунда од денот ако би била нешто подалеку од мојата вистинска природа која ни малку не е мртва.

Ех, мојата среќа одлетала некаде пред да се родам и во животот ми оставила едно наследство: да бидам силна пред лицето на несреќата и да ја издржам со снагата на Букефал. А јас сум едноставно суштество што сака едноставни нешта и кое се радува на едноставни радости. А ништо за мене не било едноставно.

О, небиднино! Откако се вратив од туѓина, единствено потуѓо од туѓото ми е сопственото. Не сум нечовек, ама не се чувствувам човек тука. Ме гуши воздухот во кој место кислород, има затапеност, затворени врати, фекалии од изумрена креативност, небо со граница, распаднати идеали, безмислосна борба и нема место што можам да го наречам дом.

Чија вина е, небиднино што толку време се трудам да те засакам, ама срцето мое е поголемо од тебе?

Нештата со душа секогаш ќе ме исполнуваат повеќе од сите други нешта. Таков е мојот дух, го прегрнувам и престанувам да го тепам со стап по плеќите зашто бил подалеку од обичното и сеприфатеното. Престанувам да ги давам со бесна сила поетските пориви. Им давам крилја, па нека кренат прашина полетувајќи кон височините.

Некогаш, некој ноемвриски ден, нека бидат прочитани, проголтани песните мои полнети со душа.

Фросина Анѓелкоска 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваОблека за трофеи
Следна објаваБакнеж во ноќта – Шерилин Кенион
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР