,,Верувам во доброто и во убавината. Со сигурност знам дека од секое лошо може да се добие некое добрo, или, пак, инспирација за некаква убавина. Вљубеник сум во убавите бои, форми, звуци и луѓе.”

Велат креативноста не познава граници, а уметничката визија на младата и талентирана Анита Несторовска вешто го потврдува тоа. Го живее својот сон, со страст кон убавите бои и форми која моќно ја визуелизира, премостувајќи две креативни полиња истовремено. На едната страна е поривот за создавање нешто посебно и автентично, манифестиран преку жарот со кој дизајнира уникатни парчиња накит, а на другата е љубовта кон сликарството, со ликовниот одраз преку кој интимно ги портретира своите најдлабоки емоции. Зборот ,,ведрина” го доживува како второ име, а на патот кон сопствената реализација чекори уживајќи во естетските вредности на се’ она што ја опкружува. Ја пресретнавме токму на тој пат, меѓу напливот од идеи за создавање нови колоритни ремек дела, и многуте замисли за нивно остварување. За читателите на Дивиан Артс, таа открива се’ за себе, за нејзините оригинални креации, за инспирацијата која се крие зад секоја од нив, но, и за креативноста како духовна храна која ја води низ животот.

3.1

Креираш оригинален накит, со личен печат кој не може да се сретне на друго место. Од каде желбата, и идејата за изработка на накит, особено за парчиња со ваков автентичен дизајн?

Креирам откако се познавам себеси. Мојата идеја и замисла за животот отсекогаш била да имам креативна работилница, со неограничени можности за креирање во секоја област, но и едукација и инспирирање на други луѓе да го извадат најдоброто од себе. Пасијата за создавање на накит кај мене тлееше од многу одамна, но дури минатата година го пронајдов стилот кој ме освои, стилот на кој му се восхитував, но го гледав како нешто невозможно. Станува збор за Beaded embroidery jewelry designs/Beaded art, техника со збиено шиење на монистри на платно, која бара многу трпение и креативност. Кога за прв пат лани ги открив дизајните на Sherry Serafini, Guzel Bakeeva и Koshanez, секојдневно истражував. Сакав и јас да поседувам безброј такви парчиња, а во Скопје, досега единствено имам сретнато накит со нижени монистри, но не и изработен во оваа конкретна техника. Добив на подарок паричник од Египет изработен во таков манир, и ланче од мојата другарка, исто на подарок. Тоа беше искрата која го запали креативниот оган. Не се задоволив само со две парчиња, па се обидов самата да изработувам, и бев успешна во намерата, а денес можам да се пофалам со колекција од околу стотина мои изработки.

Како изгледа креативниот процес на создавање на твоите ”мини ремек дела” ?

Секое парче има своја приказна, и бара различно време и посветеност. Најсложеното досега го работев речиси три недели – секој ден повеќе од 12 часа. Едноставно, не можам да спијам доколку не го завршам. Вообичаено, пред да почнам со шиење го осмислувам дизајнот на мојата идна креација. Тоа се најчесто формата, бојата со која ќе започнам и позициите на главните монистри, а комбинациите на бои потоа си доаѓаат сами по себе. Често правам скици за моите следни изработки, но некои од нив се и сосема спонтани. Материјалот на кој ги шијам монистрите е многу крут, сличен на чоја, но поцврст, како хартија, и помазен. Материјалот може да е и по слободен избор, но за мене ова е најдобрата варијанта. Користам различни видови стаклени монистри, полудраги камења и нитни, со кои се снабдувам од нашите продавници за монистри, а обожувам да пазарам и од Истанбул. Таму буквално на секој агол се наоѓаат илјадници инспиративни материјали во најразлични бои.

896

Од каде ја црпиш инспирацијата за дизајнот на секое наредно парче накит?

Инспирацијата за секое следно парче накит ја пронаоѓам во желбата и идејата и јас да имам исто такво на себе. Им се восхитувам на индиските, мароканските, тибетанските, hippie, tribal, steam punk и модерните дизајни на накит. Кога би требала да го дефинирам својот стил, би рекла дека тој е некаков спој на сите овие стилови. Се’ зависи од моето раположение. Некогаш ме инспирираат пригоди, некогаш луѓе, а некогаш тоа е природата.

Кому му се наменети твоите креации, и на каков фидбек и поддршка наидуваш во досегашното креативно работење?

Моите креации им се наменети на сите оние кои ќе се препознаат во нив. Сосема се различни и уникатни, како што е впрочем и секоја индивидуа. Тука возраста не игра никаква улога при изборот, туку вкусот е тој кој е пресуден. Фидбекот е огромен, иако не очекував дека само за неколку месеци ќе успеам луѓето од надвор да ги препознаават моите креации. Има побарувачка и интерес, а воедно и восхит кон она што го изработувам, што ми претставува енормна сатисфакција и мотив да продолжам и понатаму. Се надевам дека во блиска иднина ќе се усовршам на дизајнерски и менаџерски план и ќе почнам со интензивна продажба, иако со тешко срце се делам од изработките.

7

Сликарството е твојата втора љубов. Што претставува за тебе ликовното изразување, и колку се надоврзува и надополнува со страстa за изработка на накит?

Сликарството за мене е една од најсовршените форми за изразување. Ги обожувам моментите во кои ќе се задлабочам во бесконечноста од детали, излевајќи ги потиснатите емоции во една симболична форма, која понатаму секој може на свој начин да ја протолкува. Впрочем, и самата техника која ја користам за изработување накит бара слично внимание. Платното е листот, а монистрите и иглата се боите и четката. Предност ми е и што можам да ги визуелизирам и нацртам дизајните пред да ги изработам.

2

Како млад човек кој својот талент го изразува на повеќе полиња, и кому креативноста му е повеќе од хоби, колку сметаш дека е важно младите креативци максимално да ги остварат своите потенцијали?

Неопходно е да се креира, да се размислува поинаку. Мора да го храниме духот со нови идеи и да го воздигнуваме. За младите луѓе е особено важно да бидат инспирирани, но, инспирацијата најчесто доаѓа одвнатре – тоа треба да е лична желба, разбудена и разуздана. Во Скопје се среќавам со многу креативни поединци, а особено сум фасцинирана од работата на младите филигранџии, меѓу кои не можам, а да не ги споменам Елена Пешевска Ека, Марија Милошевска, Младен Стојановски, Елена Ристовска, Биби Клекачкоска и уште многу други, сите посебни по стилот. Застапник сум на идејата за обединување на сите креативци, и нудење на можности за напредок, нивно пошироко промовирање, и не само само тука. Потребна е поразвиена соработка на луѓето кои го имаат развиено естетското чувство, кои го препознаваат креативниот жар и неговите вредности.

Кои се твоите амбиции, желби и планови за во иднина, и која би била твојата порака до сите млади креативци кои планираат, или можеби веќе се занимаваат со твојата, или друг вид на креативна работа?

Во блиска иднина планирам да го потрошам сиот материјал што го имам за изработка на нови креации. Се надевам дека ќе направам и изложба наскоро. Во план ми е и да посетувам курсеви за создавање креативни бизниси, да научам нови техники, и да го пренесам своето знаење на некој кој ќе го има истиот жар. А, мојата порака до сите млади креативци е да не се откажуваат од она што ги прави среќни, да веруваат во своите идеи и да се дадат целосно на тоа кое го креираат – сета љубов, сето трпение и време кое им е потребно да создадат убавина, посебност и уникатност.

11

9

12

8

4

5

3


Ani Jewelry Designs и DA ве наградуваат!
Поддржете ја уметноста на Анита доколку ви се допаднаа нејзините креативни дела, а потоа, во коментар под објавата споделете ги со нас вашите импресии за изработките. Најдобриот коментар ќе биде награден, а добитникот го очекува уникатен подарок-изненадување од Ani Jewelry Designs.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваiTypewriter | Вистински крст помеѓу старата и новата технологија
Следна објаваLooney Tunes | типографски портрети на ликовите
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР