Мојот познаник чистач на градските излози
тврди дека ништо под капата небеска
не посакува.

Кога пред појадокот го мијам излогот на продавницата на Краш
вели тој
во устата секогаш имам сладок вкус
па не можам ни да јадам од што сум блуткав одвнатре.

Од погледот на излогот полн со овошје заради брдата со портокали и јаболка
цел ден ме мачат киселини.

 

Кога ги чистам излозите со машки костуми
намерно се местам на скалите за да ги меркам ногавиците, должината на ракавите
се загледувам да видам какво е закопчувањето
и додека да го измијам излогот веќе сум го износил оделото.

Продавачките секогаш ме гледаат од напред
па и тие ме меркаат да ми извиниш малку пониско од појасот
Не дека не би имал што да им покажам
но повеќе не ми е до тоа.

 

Морам да признаам дека понекогаш уживам кога јато млади девојки
ќе се собере околу добро измиениот излог
за новата колекција пролет-лето
а околу мене одеднаш сè замирисува како да сум во цветна градина.

Знам јас што не е за моите години
не грижи се.

 

Да ти кажам право понекогаш ги мијам тие излози и со гадење
како валкани садови наутро после некоја голема прослава.

Работам чесно, треба да се чува работата, па кој би ме вработил вака стар.

Понекогаш и ќе се насмеам кога луѓето ќе удрат со главата во стаклото како птици.
така сум сигурен дека добро сум исчистил

 

Ама да ги имам и сите пари на светов не би купил ништо
толку сум се изнагледал што ми се гади.

 

Но има еден мал излог на број 42
што го мијам со посебно внимание
и секогаш ми останува матен.

Внатре како во куќичка за кукли изложена е шарена детска облека
па додека мијам постојано гледам дали би му одговарала на моето внуче
ако син ми се оженеше пред да замине.

А убаво му реков кога си заминуваше
„будало знаеш ли дека во сите војни гинат
само сиромашните“.

И секогаш кога помислувам на тоа
излогот се замаглува…

 

Јозефина Даутбеговиќ

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЖивотни од пенкало и мастило | Tim Jeffs
Следна објаваБукмаркерот – тип на читател
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР