Изборот на сините тонови секогаш гарантира релаксиран и пријатен амбиент во ентериерот, во сите нијанси, суптилно асоцирајќи на свежината на морето и летото, особено доколку е во комбинација со белата боја. Доказ за тоа е овој прекрасно уреден дом, кој зрачи со својата убавина, енергичност и хармоничната атмосфера која ја рефлектира. Сместен е во сончевиот крај Малага, каде свежината на морскиот воздух и топлината на медитеранското сонце се привилегија во која се ужива речиси цела година, па идејата на сопствениците била истото да го пренесат и во уредувањето на својот дом. Изборот на биколорна комбинација во домот, со доминација во просторот исклучиво на тандемот на сина и бела боја, се покажува како одличен избор за постигнување светол, блескав и кокетен изглед, кој совршено го отсликува и внесува духот на надворешноста внатре. Притоа, ентериерот не делува нималку монотоно и стерилно, туку е разигран со мноштво детали, едноставни, класични, рустикални и шик, исполнувајќи го секое катче со многу стил, деликатно искомбинирани во извонредно компактна целина. Во уредувањето на просторот, декорирањето и изборот на деталите, највоочлива е мароканската нота, и фасцинацијата од мароканскиот стил на уредување и орнаменти. Допирите од дрво, традиционалните парчиња мебел и прекривките од природни материјали, обезбедуваат чувство на топлина, давајќи му на просторот рустикален шарм, додека розовите нијанси на деталите и цветните украси, сензуално ја внесуваат романтичната нота.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваДеловите на една книга
Следна објаваАвантурите на едно бебе | Аnne Eftimie
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ