Катчето за читање ги спојува омилениот простор во домот, удобниот мебел и светлината, комбинирајќи ги во олтар на љубовта кон книгите, но со повеќенаменска улога. Покрај за другарување со книгите, ова катче е идеално за долги телефонски разговори, слушање музика, сликање, креативно изразување, или, пак, едноставно за одмор и релаксација во пријатен интимен дел од домот. Во продолжение ви презентираме неколку совети како да создадете релаксирано катче за читање, во кое ќе уживате во вашата пасија кон книгите додека сте удобно навалени во омилената фотелја, а сите проблеми и грижи ќе ги оставите надвор од него.

19

Постигнете го изгледот:

Најдете добра позиција за вашето катче за читање. Тоа може да биде некое празно ќоше, просторот под прозорецот или скалите, напуштениот таван, или, пак, некоја беседка, шпајз, па дури и поголем плакар во внатрешноста на вашиот дом. Доколку сепак не успеете да пронајдете слободно место, тогаш обидете се да го разместите мебелот во некоја од собите и така да ослободите простор. Одберете локација која е колку е можно помирна и тивка, каде премногу гласните звуци, како оние од радиото или телевизорот, нема да допираат до вас, вознемирувајќи ве во вашето мирно мало прибежиште. Доколку повеќе ве привлекува идејата тоа да биде некое место надвор, тогаш дел од балконот преуредете го за таа намена, или креирајте си мини оаза за читање во градината.

Одберете на што ќе седите. Релаксирачкото катче за читање не би било комплетно без удобно парче мебел за седење. Во зависност од декорот и вашите желби, тоа може да биде кауч или голема комфорна фотелја, софа, клупа , или пак лежерно расфрлани перници. Важно е да биде по ваша мерка и вам да ви е потполно удобно.

Снабдете се со масичка или ноќно орманче. Ќе ви помогне во организацијата, ќе ви даде простор да ја сместите вашата шолја кафе или чај, или, пак, да ја оставите книгата кога ќе престанете со читање. Од корист би ви било да вметнете и држач или кутија за моливи и мал нотес, за во оние моменти во кои ќе ве облие инспирација додека читате, истата да можете да ја пренесете на парче хартија.

Осветлете ги нештата. Едноставна ламба ќе заврши работа, сè додека е прилагодлива, а друга опција е да одберете работна столна ламба. Не земајте ламби кои премногу зрачат, ниту пак премногу пригушени, кои би ви ја отежнале видливоста на печатените букви. За денско читање, ништо не е подобро од природната сончева светлина, а доколку е премногу силна, повлечете ги завесите или поставете друг вид прекривка, за да ја спречите директната светлина да ве попречи во читањето или да ве искуши на дремка.

Направете го удобно. Најважниот елемент на катчето за читање книги е комфорот. Тоа мора да биде привлечно, топло и удобно, и да ве охрабрува да се вовлечете во него од време на време. Користете бои, материјали и текстури кои ќе овозможат пријатно чувство, како нежни прекривки или меки перничиња. Употребата на сината и зелената боја овозможува спокоен и релаксиран амбиент, додека кафената, црвената и портокаловата, пак, ги будат романтичните чувства и го забрзуваат ритамот на срцето.

Доколку е возможно, издвојте го катчето за читање од опкружувањето. Moжете едноставно да го издвоите со импровизирана ограда на еден ѕид, или, пак, со висечки завеси околу него. Издвојувањето ќе ви даде чувство на сопствеништво над катчето, и ќе ги оневозможи другите да ви  ја нарушат интимноста во вашиот приватен простор.

Дајте му личен печат и импровизирајте при адаптирањето на просторот на вашите потреби. Забавувајте се и искористете ја вашата креативност да му дадете убав изглед по ваш вкус, и запомнете: катчето е просторот кој е само за вас, па така и уредете го.

Потрудете се да имате доволно време за читање, по големиот труд вложен во неговото создавање. Не мора  постојано да читате, но верувале или не, читањето е добро за здравјето. Не заборавајте да си пуштите релаксирачка музика, доколку тоа го преферирате повеќе од читањето во тишина, и не заборавајте секогаш да имате некое вкусно колаче покрај себе.

001

002

004

033

005

018  007

008

009

010

011

012

013

014

015

016

017

019

021

025

023

006

022

СПОДЕЛИ
Претходна објаваRamon Bruin | Само реалноста е вештачка
Следна објаваМоден тренд | Жолто
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ