По правилата на зачините, Тилотама, нивната господарка може да се помоли за да се ослободат нивните магични моќи, но нивната ултимативна моќ – моќта да лекуваат, да ја вратат среќата и да донесат благосостојба, лежи во самите нив. Нараторката на оваа приказна е жена, родена во некое друго време, друга возраст, која е обучена да ја споделува уметноста на зачините. Ова знаење имплицира одредена цена: Тило мора да им служи на зачините на тој начин што таа ќе замине да живее на друго место и друго тело, во своја продавница во САД каде една по една, зачин по зачин, таа раскажува приказна како една магична состојка спасува живот. Цимет, чили, анасон, пипер, куркума, кари, тилчец… чувствителен допир на господарката која е медиум на моќните зачини, за да им помогне на луѓето кои дури и не ги познава.

„Јас сум Господарката на зачините. Јас можам да господарам и со другите ако сакам – минерали, метали, земјата, песок, камен. Скапоцените камења со нивната студена јасна светлина. Течности кои горат во нијанси во твоите очи додека ти гледаш во нешто друго.

Но зачините се мојата љубов.“

Приказната на Господарката на зачините е во суштина сензуална исповед на една млада жена со способност да живее и патува низ времето и просторот, да доживува работи кои нормалните луѓе не можат ни да ги замислат – на начин на кој што таа ги истражува зачините и тие ѝ возвраќаат на услугата. Иако нејзината смртност е последица на прекршокот за кој што беше обвинета, целосно принудена да абдицира во пламените на огнот – Тило станува обична жена. Необична хероина со исклучителен карактер, оригиналност и одлучност (а во меѓувреме, со извесна доза на божественост). Нејзината приказна е преплетена со сегашноста и со минатото, како што таа објаснува дека оддненадеж се наоѓа во Оукленд, Калифорнија каде работи во една продавница за зачини во Индиската заедница. Во нејзиниот нормален, моментален живот… таа е обична старица. Таа никогаш не ја напушта својата продавница која е и нејзин дом истовремено, каде таа ги продава зачините заедно со совети на нејзините клиенти. Но, длабоко во себе, таа една млада жена исполнета со енергија и страст, која е заробена во оваа продавница и во ова старо тело. Таа копнее да избега, но знае дека е нејзина судбина да живее без вистинска љубов, сама да чекори низ животот и да зборува со зачините.

„Во овој свет има премногу магија, па дури и во здодевното турбо-живеење на американскиот сон. Некогаш не ја забележувате додека го завршувате својот брз оброк, а главните јадења ги конзумирате во ресторан. Некогаш истата се наоѓа во Вашето тенџере за готвење…“

Но, кулминацијата има свој зачеток во средбата со еден нов, непознат клиент кој дури и не е Индиец. Типичен, прекрасен и совршен Американец кој чувствува нешто посебно во врска со неа, како искра на прв поглед. Ова се случува откако Тило го добива својот изглед назад од своите зачини. Неочекуваната романса со овој убав странец ја принудува да избере помеѓу животот како божица и натприродната егзистенција во нормалниот свет, со сите перипетии на модерното живеење. Уникатен стил на комбинација на прозата и поезијата, каде самата авторка се изјаснува со „ја напишав оваа книга како спој на модерна Америка и безвременската митска позадина на Индија, се’ со цел да создадам страствен спој на мириси и вкусови во една современа бајка“. Интересна и хипнотизирачка, ова е приказна за радоста и тагата, вистината и магијата сплотени во една неверојатна жена.

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваМотивирајте се во 60 секунди
Следна објаваФото на денот | Во чевлите на мама
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР