Потребни биле цели 32 години, за архитектот Amador Calafat – Busquets да го оствари долго сонуваниот сон за топол дом во родниот крај Мајорка. Во младоста се вљубил во Германка и заедно започнале нов живот во Хамбург, Северна Германија, далеку од шпанското сонце, топлина и темпераментен дух. Основале семејство и воделе среќен живот, со низа приватни и професионални успеси, минувајќи ги деновите од одморот секое лето токму на шпанскиот остров. И покрај сè, Amador не успеал да ја покори носталгијата и одолее на најголемиот животен копнеж и жар, па, конечно, визијата и сликата носени три децении во мислите и срцето, се одлучил да ги овековечи со изградба на воодушевувачки убава кука на Мајорка. Резултатот е здание за кое е вистински предизвик да се процени дали поубаво изгледа, или, пак, мириса, дали е поубава внатрешноста или надворешноста, архитектурата или пејсажите. Сè е вистинско совршенство, заслужено носејќи го епитетот – дом од соништата. Куќата е традиционална градба фасцинирана од древната архитектура на Мајорка, изградена од локален камен, глинени плочки и дрвени греди, со простран расцутен двор кој мами воздишки со романтичната тераса и живописната градина, низ кои интензивно се разлеваат розовата и зелената боја. Внатрешноста, пак, зрачи со топлина, светлина и пријатната атмосфера на југот, уредена традиционално со рустикални мотиви, допири од дрво, бамбус и камен, меки и пријатни материјали, неутрални и светли тонови на мебелот и ѕидовите, и мноштво цветни декорации и украси кои ја надополнуваат позитивната енергија, и му даваат посебен шарм и живост на ентериерот. Хармонијата и раскошниот амбиент во кои денес живеат шпанскиот архитект и неговата сопруга, потврдува дека сонот за домот од мечтите дефинитивно може и треба да се оствари.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваФото на денот | Како да заврзеш чевли?
Следна објаваЊујорк + Лондон | Daniella Zalcman
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ