Филм за eмоции, оптимизам, растројство и свеж почеток, Прирачник за оптимисти (Silver Lining Plаybook) e смешна, истовремено приземјена драматична приказна и многу повеќе од просечна романтична комедија. Филмот е базиран на истоимената новела од 2008ма од Метју Куик.

Улоги: Џенифер Лоренс, Бредли Купер, Роберт Де Ниро, Џеки Вивер, Џулија Стајлс.

Режија и сценарио: Дејвид О. Расел

Жанр: Драма, Роматика, Комедија

IMDB рејтинг: 8,1/10

1

Содржина: Прирачник за оптимисти е филм кој раскажува за Пет (Бредли Купер) кој осум месеци по извршениот брутален физички напад врз љубовникот на неговата жена излегува од ментална институција, чиј животен пат се прекрстува со оној на шармантната Тифани (Џенифер Лоренц) млада, емотивно растроена вдовица. По излегување од институцијата, со дијагноза за биполарно растројство, Пет живее со неговите родители (Де Ниро и Вивер) и оди на терапија, поминувајќи ги деновите гледајќи ја светлата страна на нештата и верувајќи дека својата промена на однесување и изглед ќе ги среди работите меѓу него и жена си Ники (која веднаш по настанот го напушта и вади забрана за доближување против него). Низ целата приказна, во нивните ранливи ментални состојби, Тифани и Пет се наоѓаат во однос базиран на взаемната помош која може да си ја пружат во остварување на индивидуалните цели, подгреан од љубов и омраза истовремено. Но со текот на настаните тие ќе бидат принудени да ги преиспитаат своите примарни цели, како што ќе ескалира нивниот однос и ќе се претвори во нешто посебно.

JENNIFER LAWRENCE and BRADLEY COOPER star in SILVER LININGS PLAYBOOK

Мислење: Тргнувајќи од идејата за оптимизам како начин на живот, искрената и приземна приказна со одличната актерска екипа-олицетворение на повеќедимензионалните ликови, Прирачник за оптимисти е комплетен филмски производ кое сосема заслужено има осум номинации за Оскар.

Не може да останете рамнодушни кога ќе го видите човекот кој и покрај тоа што изгубил скоро се’ : својата работа, домот, жената која ја сакал и почитта од најблиските, наоѓа начин да се соочи со проблемите пренасочувајќи ги сите негативни точки во позитивни цели и секогаш наоѓајќи ја посветлата страна на нештата – водечката идеја на филмот. Истиот го карактеризираат интересни дијалози со изобилство на хумор и исклучителен перформанс од секој од актерите, што ги оправдува номинациите за Оскар на четирите главни улоги. Џенифер Лоренс докажува дека е актерка чиј животен пат ќе биде поплочен со многу филмски награди, а Бредли Купер особено изненадува, бидејќи повеќе не е само “оној згодниот од Hangover” – преку ликот во овој филм пренесува длабоки емоции со што се истакнува како особено талентиран глумец. А нешто што го прави ова филмско искуство уште попријатно е одличната “хемија” на овие двајца актери, која e очигледна и неоспорлива.

Преку споредбата на ликот на Роберт Де Ниро (спортски фанатик со очигледно опсесивно-компулсивно растројство) со неговиот син Пат, филмот се’ осврнува на проблемот со осудување на луѓето со емотивни растројства од страна на општеството и потенцира дека постојат многумина кои не можат да се носат со секојдневието и проблемите во животот, а не се етикетирани со дијагноза.

Silver Lining Playbook несомнено ќе Ве допре, ќе предизвика сочувство и добро ќе Ве насмее, филм кој преку оптимизмот и персоналната борба на протагонистите ќе Ве потсети дека може да се помине низ проблемите и товарот кој секој од нас ги поседува,  притоа да се најде нешто за што вреди да се живее.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваКартички за освојување на љубители на историјата
Следна објаваШокантни рекламни постери со моќни пораки
Величeњето и практикувањето на креативната страна на животот предизвикана од љубовта кон убавото ја одликува со особен креативен шарм и инспирација затекната на различни места. Пасионирана вљубеничка во визуелните форми на уметност, ја поддржува тежината на автентичните креативни артефакти кои го издржале тестот на времето - доволно долго за да создадат нова приказна за уметноста, раскажана преку херојските очи на истата.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР