Првото поглавје од трилогијата на долгоочекуваната филмска адаптација на фантастичниот класик Хобит од 1937та година на Џ.Р.Р. Толкин, не’ одведе повторно во Middle Earth. Приказната за Хобитот: Неочекувано патување (The Hobbit: An Unexpected Journey) започнува со мирниот Хобит Билбо Багинс подведен од волшебникот Гандалф и 13те џуџиња во заедничкиот поход за протерување на змејот Смауг од некогашниот дом на џуџињата. Екранизацијата на првата третина од приказната, авантура исполнета со попатните згоди и незгоди (повеќе вториве) на несигурниот Билбо и дружината горди џуџиња, беше се’ на сe’ позитивно искуство во универзумот на Толкин, без многу тензија и изненадувања и генерално ги оправда очекувањата на публиката.

0

Судејќи по реакциите на посетителите по завршување на кино-проекцијата и прочитаните критики, на страна од позитивните нешта, негативната критика се заоснова на доживувањето на филмот како делумно досаден за просечниот возрасен гледач, притоа заборавајќи го фактот дека Хобит е главно детска авантура, а линеарниот тек на настаните и акционите сцени на интервали од 15тина минути се карактеристични и сосема очекувани во детските авантури, од аспект на следење на приказната и задржување на вниманието.

Хобит: Неочекувано патување ја претрпе неизбежната споредба со своите претходници Господарот на Прстените и истиот, сосема очекувано, доби помалку поени од епската трилогија. Велиме сосема очекувано бидејќи и при споредба на двете книжевни дела, Господарот (трите дела во една целина) би бил првиот избор на многумина, поради својата приказна од епски размери: широкиот универзум, интересните карактери и нивниот импакт на главната приказна, разноликоста на местата, неочекуваните пресврти, главната мисија на протагонистот и неговата несебична посветеност за остварување на поголемо добро. Во одбрана на Хобит, при споредбата не смее да се занемари фактот дека оваа новела е напишана пред Господарот на Прстените и дека почетоците на целата магична франшиза се токму тука. Во книгата Хобитот за првпат беше креиран овој извонреден универзум инспириран од митологија и легенди, затоа, сумирано, ќе ја наречеме оваа авантура цврста и плодна основа на високоразгранетата приказна сместена во светот на Толкин.

Форматот трилогија  –  Проблемот со ова е тоа што ако приказната во секоја од трите книги Господарот на прстените беше делумно кратена за да успее да се смести во три екранизации, првата третина на книгата Хобит беше очигледно развлечена приказна, со цел да се исполнат трите предвидени филма. Несоменено позитивен впечаток остави Мартин Фримен, кој одлично се снајде и совршено го долови младиот хобит Билбо Багинс. Исто така, неизоставливиот дел од екранизациите на Џексон е дефинитивно музиката, како во Господарот, така и овде – повторно извонредна, повторно компонирана од Хауард Шор.

Доживувањето на приказната која говори за потребата од ризик во животот, личното издигнување, отстапување од удобната зона, храброста и наоѓање на оваа карактеристика во неочекувани луѓе, беше возбудливо и позитивно. Генерално гледано, Хобит:Неочекувано патување беше визуелна “гозба”, интересна авантура и возбудливо враќање во светот на необични раси, митски суштества, добри и лоши волшебници, прекрасни но и морничави места и се покажа како магично, носталгично и релаксирачко бегство од реалноста спакувано во филм кој топло до препорачуваме.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваMarc Jacobs за Diet Coke
Следна објаваИлузија создадена со молив | Adam Johnston
Величeњето и практикувањето на креативната страна на животот предизвикана од љубовта кон убавото ја одликува со особен креативен шарм и инспирација затекната на различни места. Пасионирана вљубеничка во визуелните форми на уметност, ја поддржува тежината на автентичните креативни артефакти кои го издржале тестот на времето - доволно долго за да создадат нова приказна за уметноста, раскажана преку херојските очи на истата.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР