Што се случува кога ќе ја сретнете љубовта на својот живот, а имате само 6 години? А тој 36, но во суштина, само осум години разлика по старост од Вас? Ова би Ви се случило само ако сте Клер Абшир, поставени на чекање на неговите посети во текот на годините се до средбата во реално време. Клер, уметник чиј живот тече во природна секвенцијална насока, но со примеси на совршено нормален тек.

„Не мислите ли дека е подобро да бидете неверојатно среќни за кратко време во животот, дури и да ја изгубите таа среќа – отколку да бидете само ограничено среќни целиот свој живот?“

Фасцинантен роман на крајно нетрадиционален начин, извонредна приказна за Хенри Детембле, храбар авантурист-библиотекар кој патува низ времето неочекувано и неконтролирано, најчесто во сокаците на своето минато. 10 години порано или подоцна. По вина на генетска мутација, која претежно му се случува под стрес, тој спонтано патува низ времето оставајќи ја зад себе облеката, просторијата, друштвото, за да пристигне како од мајка роден во некое друго време и друга локација. Едно од местата каде што често се буди е пејсажот позади имотот на Клер, за таму да ја сретне на нејзина детинеста возраст, со руси кадрички и широка насмевка, спремна да се заљуби во него. И да изгуби интерес за момчињата од нејзината околина знаејќи дека во некое идно време, ќе го сретне. По случајност, во библиотеката во Чикаго. Страстната љубов кои двајцата љубовници ја доживуваат низ курсот на времето ги води кон неминовна романтична стапица – која ја прави Нифенгер триумфален мастер на неконвенционална хронологија. Автор кој ќе Ве натера да се соживеете со абнормалниот карактер на нивниот брак, да се радувате на нивните убави моменти, да сочувствувате на отсуството на Хенри. Да го проколнувате хроничното нарушување на неговиот генетски часовник поради спонтаните абортуси на Клер.

„Зошто љубовта упорно се интензивира со отсуството?!“

Волшебно деби за вербата во љубовта, дистанциран од модус на научно-фантастично истражување на просторот и времето – искрена емотивна сторија за двајца вљубени, врзани со проклетство кое на почетокот е предизвик да се прифати и лесно да се адаптира, но во подоцнешните години на заедничкиот живот е повеќе од неприфатлив фактот што за време на неговото патување, таа останува препуштена сама на себе, заглавена во реалното време, со реалните проблеми. Заеднички живот опишан од две перспективи, со извртена хронологија и биолошки нејаснотии кои ја илустрираат темата на лавиринтот: длабоко трогателна и вредна за паметење.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЈапонскиот Хари Потер – Halno
Следна објаваНајдобрите лизгалишта во светот #2
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

1 коментар

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР