Категоријата Млади креативци денес за прв пат се соочува со уметник од сферата на поезијата: драги постоечки и потенцијални креативци, запознајте ја Александра Спасеска – поетесата со смел дух на живеење, храбар израз во уметноста и уникатен стил. Денес, на наше обострано задоволство, разговаравме со неа и го селектиравме потребното, несебично откриено, парче душа во поглед на уметничкото видување на животот, притоа споделувајќи го нејзиното извинување бидејќи во книжевниот израз има многу запирки, а малку точки…

3

На прашањето како Александра се пронајде себеси во улога на поетеса, таа вели дека „Улогите во животот, оние најважните и најдрагите, не наоѓаат нас. Креативните пориви не се нешто што може на сила да се бара и да се најде. Мојата поезија извира од мене, јас сум само нејзиниот вруток. Од првата песна напишана во раните 90-ти, за една мачна, тешка и за детските глави, неразбирлива, војна, поезијата стана мојот начин да ги заспијам демоните. Понекогаш да разбудам нови“, кажано на јазикот на уметноста. Инспирацијата за своите стихови вели дека ја пронаоѓа секаде околу неа и во самата неа, додека кога ја прашавме дали има свој role-model помеѓу авторите на поезија, ни одговори дека би лажела доколку каже дека не се инспирира од големите имиња – „Ден-денес ме растреперуваат стиховите на Коста Солев Рацин и Радован Павловски. Од поновите генерации, Никола Маџиров, а од моите современици, Ана Голејшка. Можеби не се тоа идоли, ама со сигурност ме трогнуваат и ме инспирираат.

4

Скромно, Александра призна дека не е сигурна во колкава мера може себеси да се нарече уметник, но се согласи со констатацијата дека поезијата е најсликовитиот начин да се генерираат емоции и да се твори без граници. „Јас само сакам да творам. И низ поезијата, фотографијата, па и личниот стил, сакам да создавам приказни, да овековечувам моменти. Мојата генерација е сведок на премногу бурни времиња и јас сакам да ги запаметиме“, вели таа. Но, истовремено задоволна од прашањето на каков одзив наидува нејзината поезија, со оглед на тоа што пишаната уметност ретко може да се пофали со подем, Александра ни кажа дека последнава година, имало ненадеен подем на поетските збиднувања, излегле во печат повеќе антологии на млади необјавени поети, меѓу кои  и самата таа, имало убав, топол бран на поетски читања и средби, што многу ја израдувало. „Да, творењето е незапирлив процес, но треба, мора, напишаното да најде своја публика, критика“, каде што Александра нема чувствува никакви опструкции во критикувањето, бидејќи тоа и помогнало да созрева како поетеса. Нејзината поезија е најубаво претставена на нејзиниот уметнички блог Везилка, додека ние ја избравме поемата „Прстен“, напишана во јули, 2012 година:

меѓу нереченото 
и непремолченото
спијат моите стравови
за гревови несторени
за погледи непрегорени,

(рака во рака спиеше
око во око жареше)

од прагот се откинавме
во бела руба променети,
со тапани заминавме
тапан в грло ме искина.

ја делиме тепсијата
ја множиме вересијата

(ти со очите затворени
јас со рацете раширени)

и некогаш преку рамо
непендек фрлам сол,
оти 
чоек на чоека
велат волк му е,
а јас тебе
што ти сум?

3

– Дали поезијата те прави различна од своите современици, како одлика на вистинските уметници?

Многумина ми рекле дека сум различна од современиците, и со позитивен и со негативен поттон на кажаното. Мојот, т.н. архаичен стил, според мене е контрастен на модерното време во кое живееме, и изразот на современите македонски поети мене не ми е близок, иако го сакам и почитувам. Една Елена Пренџова, на пример, знае и најголемата тривијалност да ја направи жестока, женствена, лирска поезија. Јас сум аскетот меѓу поетите, изгледа (хахаха). За мене љубовта секогаш ќе биде нешто свето, нежно и достојно за најделикатно избрани зборови, воздржани, зборови што засркнуваат. Го сакам и негувам македонскиот јазик и сакам да живее дијалектот, традицијата, архаичното во тоа што го пишувам. Па и нека бидам различна, времето ќе пресуди колку тоа вредело. Пишувам и на англиски јазик и правам препеви на некои песни од македонски. Англискиот израз ми е поразличен, помодерен можеби, и на моја голема радост, си најде своја домашна и странска публика. Во август излезе од печат првото издание на San Antonio Review, меѓународен поетски журнал со седиште во Сан Антонио, Тексас, во кое беа објавени мои дела како единствен застапен автор од Македонија. Оваа поетска збирка ми е, без лажна скормност, најголемата гордост до сега. Збирката е резултат на работата на поети од целиот свет, собрани под групата Poets Without Borders. Беше особена чест и привилегија да се биде објавен со поети од Шведска, Велика Британија, Романија, САД, Франција, Уганда… Најголема радост беше песната The Last Refugee, што ја напишав заедно со Shehzar Doja од Бангладеш, која беше објавена во збирката и наиде на одличен прием кај меѓународната публика.

2

Жедна песна

грб со грб
ни се свртени
судбините,
да имавме
очи, да се опулиме.

гроб до гроб
лежат
милостините,
да имавме
раце, да ги откопаме.

фрли ја мрежата
катаден нека лови
погледи,
во мојава омарнина
река не течи.

сведнат над пруга
со прекор во очите, рече:
секој човек
е своја пустина.

јас жедна
ти небо соблачено.

залудно сакав 
да сум ти
на сонот
утока.

Што Александра би имала да им порача на младите поети во Македонија? Таа храбро вели дека младите мора да творат! „Искрено, брутално, љубовно, бунтовно, без ограничувања, без страв, без инхибиции и без очекувања. Да го споделуваат тоа што го работат, бидејќи така ќе го рафинираат изразот и квалитетот ќе си го најде своето место под сонцето.“ Затоа што:

Должност е на уметниците да го запаметат времето онакво какво што е, онакво какво што го доживуваат. Нема погрешна уметност, само искрена и неискрена.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваДрвена палата како од сликовница
Следна објаваФото на денот | Извинете, колку е часот?
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР