Директно од срцето на бескрајната посветеност кон книгите од страна на една млада личност која умешно ја реализира својата мисија преку својот „Бескраен ум“, а неодамна и преку својот „Бескраен поглед“, Ана Костовска важи за карактер кој е вистинска реткост во денешно време. Од збирка позитивни мисли до две успешни дела, искрено го отвора своето срце. Уживајте во нејзината позитивност.

*Ќе започнеме наједноставно, каква личност е Ана Костовска?

Бескомпромисно, искрена. И покрај тоа што некои луѓе сметаат дека искреноста е маана, во свет каде доминираат лаги и лицемерие, длабоко верувам дека колку и да се трудиме да се сокриеме, никогаш не може да избегаме од она што навистина сме. Токму затоа сметам дека искреноста е единствениот избор. Се останато е само изговор. Во овој контекст би цитирала и една мисла од Бескраен поглед која вели: “Како знам дека сум различна? Тоа е многу едноставно. Јас сум искрена личност.”

*Стоејќи на ставот дека во двете твои книги, „Бескраен ум“ и „Бескраен поглед“ акцент се дава на емоциите – дали сметаш дека токму тие се срцевина на живеењето?

Да, сметам дека емоциите играат круцијална улога во нашето живеење. Несомнено дека позитивните емоции го мотивираат нашето постоење и ни овозможуваат чувство на среќа, додека негативните ја намалуваат продуктивноста и желбата за дејствување. Од таму, емоциите реално не прават тоа што сме и ја претставуваат суштината на нашата егзистенција. Без нив едноставно животот не би имал никакво значење. Токму затоа идентификувањето и управувањето со емоциите претставува клуч за успех во животот.

*Дали ширењето позитивна мисла како цел на твоите дела произлегува најпрвин од личната потреба да се чувствуваш убаво, а потоа истото да им го пренесеш на оние во твојата околина?

Сметам дека за да успееме да влијаеме на другите мора најпрво да влијаеме на себеси. Токму затоа поаѓам од себе, со цел преку личен пример да го остварам посакуваниот ефект и во околината. Ја негувам позитивната мисла преку која го наоѓам задоволството од моето постоење, со искрена надеж дека и другите ќе ме следат во тоа.

*Од каде извира вокацијата да се создаде нешто така различно и единствено според својата тематика, насловено како „Бескраен…“?

Од силната потреба што ја чувствувам да ги пренесам тие мали но по суштината големи пораки за вистинските вредности во животот кои ни помагаат да си го зачуваме човекот во нас.

*Која е разликата меѓу бескрајниот ум и бескрајниот поглед?

Бескрајниот ум упатува на бескрајноста на човековата мисла. Постои за да не потсетува дека способноста на човековиот ум е бескрајна и навистина би било жално доколку дозволиме оковите на предрасудите и ограничувањата ја лишат слободата на нашиот ум. Како што и една изрека од Бескраен ум вели: “Немој да се плашиш од сопствената мисла кога допира до непознати места за тебе.” Сметам дека треба да се препуштиме на нашата имагинација и да го оставиме умот слободно да си се изразува и да твори во својата бескрајност. Еден таков бескраен ум ни отвара неограничени хоризонти на бескраен поглед. Е тоа е глетка во која сите би сакале да уживаме.

*Кои импресии ги понесе Ана од неодамнешната промоција на „Бескраен поглед“?

Промоцијата помина одлично, но тоа беше само воведот. Исто како и за претходната збирка, и за Бескраен поглед ќе има повеќе промотивни настани и потпишувања со цел постојано да има нешто што ќе не потсетува на примената на малите пораки кои ги нарекувам суштината на животот.

*Тргнувајќи од успехот кој го постигна позитивната компилација „Бескраен ум“, дали Ана очекува повторување на истиот со „Бескраен поглед“?

Да секако. Очекувам поради тоа што верувам во Бескраен поглед. А кога верувате во својот производ, успехот е неизбежен.

*Дали Ана ќе не израдува наскоро со нешто ново од серијалот на бескрајност?

Да, наскоро ќе излезе и третиот дел на бескрајност кој ќе ја заокружи целината. Со него ќе заврши серијалот збирки на мисли, но никогаш не и мисијата на поттикнување на човечноста. Таа неможе да заврши. Таа е бескрајна…

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваДа се има брат…
Следна објаваЧетири панди на лизгалка
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР