Не многу одамна, во мојот дом имаше една јаболкница која беше мое омилено место за играње – секојдневна занимација, качување до врвот и враќање назад, уживање во вкусот на јаболката, попладневна дремка под сенката на крошната… го обожував тоа дрво, а и дрвото ме обожуваше мене. Деновите ги боевме во неразделно дружење и безусловна и искрена љубов.

Години поминаа…

Пораснав и веќе не бев истото момче кое со денови висеше на тоа дрво. Еден ден, со тажен поглед се доближив и слушнав глас: „Дојди да си играш со мене!“ побара јаболкницата од мене. „Јас повеќе не сум дете и не можам да го трошам моето време тука“, иако со неверување, одговорив. „Сега би сакал да купам играчки, но немам пари за нив“ реков, при што добив одговор – „јас, за жал, немам пари… но може да ги собереш моите јаболка, да ги продадеш и со спечаленото да си купиш што сакаш“. Апсолутно возбуден, го послушав советот и ги собрав сите јаболка. Заминав среќен и не се вратив за да ја видам тагата на јаболкницата.

Еден ден, повторно се вратив кај мојата јаболкница, при што таа повторно ме повика да си играме. „Немам време за игра, сконцентриран сум на грижа за мојата сопруга и деца“, и одговорив трудејќи се да звучам созреан – „работам за моето семејство, но потребна ни е куќа. Ќе можеш да ми помогнеш?“ прашав како да знаев дека таа ќе ми излезе во пресрет. „Јас немам куќа, жалам, но ти може да ги искористиш моите гранки ако ти се од помош“, ми рече радосно. Се израдував и ги исеков гранките кои ми се чинеа адекватни. Заминав среќен и не се вратив да видам како осаменоста на мојата јаболкница растеше.

Топло попладне и моја повторна посета на јаболкницата… повторен повик за игра, проследен со моето „уморен сум за игра, стареам веќе. Би сакал да одам на едрење, за да се релаксирам. Би можела да ми дадеш брод?“ убеден дека ќе ми возврати „слободно искористи го моето стебло и освои го хоризонтот!“. Задоволен од одговорот, ја исеков јаболкницата и ја испратив на преработка. Заминав на едрење и долго време не се вратив дома…

Конечно, веќе со последните сили и елан за живот, заминав да ја посетам мојата јаболкница за последен пат. „Мое момче, за жал, немам веќе што да ти понудам. Немам повеќе јаболка за тебе…“… „а јас немам заби за нив“, возвратив. „Немам веќе крошна на која би можел да се искачиш“; „веќе сум престар за тоа, моја мила“… „Немам што би ти дала, останаа само моите корени во фаза на умирање“, со жалење ми рече. „Не ми треба многу овој пат, само место да се одморам. А твоите корени се совршено место за тоа“, милозливо и реков. Се наместив блиску до неа и можев да ја почувствувам нејзината среќа низ солзи…

Поука:
Јаболкницата ги претставува нашите родители – додека сме мали, уживаме во играта со мама и тато. Кога ќе пораснеме, ги напуштаме со стотици изговори и се враќаме кај нив единствено кога имаме корист од тоа или кога сме во неволја. Но, не е важно, тие секогаш се тука да дадат се од себе за да ни предизвикаат среќа. Можеби начинот на кој момчето ја третира јаболкницата делува суров, но така ги третираме сопствените родители, заборавајќи ја важноста дека и укажаната блискост има век на траење.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваОблакодер инспириран од Бијонси
Следна објаваЦветно богатство во вашата коса
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ