Вуди Ален повторно не води на филмско патување низ Европа.

По успехот на ,,Полноќ во Париз’’, Вуди се ,,пресели’’ во Рим – градот кој е синоним за раскошна архитектура и преубави жени.

,,За Рим со љубов’’ е насловот на неговото последно филмско остварување, спој од комедија и романса, а на кое легендарниот Ален се потпишува како режисер, сценарист и актер. Продуциран е од Gravier Productions film, a финансиран од компанијата за продукција и дистрибуција Medusa Film.

Актерската екипа е сочинета од врвни имиња, а носечката улога и е доверена на Пенелопе Круз, шпанската актерка која го понуди најсексипилното и најженственото издание од себе, играјќи ја италијанската заводничка Ана. Покрај Круз, ѕвездите кои земаа учество во најновиот проект на Вуди Ален се и: Елен Пејџ, Џеси Ајсенберг, Алек Болдвин, Роберто Бенињи, Џуди Дејвис, Алесандро Тибери, Алесандра Мастронарди и Грета Гервиг.

Во филмскиот портрет на Рим, низ колаж од четири различни приказни во кои учествуваат голем број луѓе, а кои се поврзани од престојот во Вечниот град, се развива дејство во кое Американци и Италијанци, жители и посетители, се вплеткуваат во мрежа на романси и авантури. Патувајќи низ Рим, славен американски архитект (Болдвин) среќава младо момче (Ајсенберг), чии љубовни проблеми го потсетуваат на болен настан од неговата младост, додека пензиониран оперски режисер (Ален) открива погребник со ангелски глас, кој му ја нуди можноста да ја освежи својата избледена кариера. Од друга страна, млад љубовен пар (Тибери и Мастронарди) влетува во одвоени романтични авантури, а еден сосема обичен човек блеснува пред очите на јавноста. Рим ги плете и спојува најнеобичните приказни, на начин на кој само Вуди Ален може да го направи тоа – со многу хумор, интелигенција и неверојатно убава визуелизација на италијанската метропола.

Филмот започна со прикажување во кино-салите во Италија на 20 април, а премиерата во САД во дистрибуција на Sony Pictures Classics е најавена за 22 јуни. Ви го претставуваме официјалниот трејлер на ,,романсата на италијански начин’’, односно најновото изненадување од Вуди Ален за љубителите на филмот и вечниот град Рим.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЦветна покривка од пластични шишиња
Следна објава20 несекојдневни вазни за цвеќе
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ