Енергични настапи и емотивни посвети го одбележаа одржувањето на синоќешните Billboard Music Awards 2012 во арената MGM Grand Garden во Лас Вегас, а на кои Адел и ЛМФАО ги понесоа титулите најдобри во музичкиот свет.

Мегапопуларната британска изведувачка Адел се закити со дури 12 награди од вкупно 18 категории во коишто беше номинирана. Меѓу нив, се најдоа и оние за најдобар изведувач, најдобра пејачка и најдобар албум. Сценарио на кое навикнавме изминатиот период, а веројатно и самата пејачка, па истата не се појави на манифестацијата да ги подигне 12-те трофеи за својот музички поход.

ЛМФАО го отворија тричасовното шоу со енергичен микс на нивните хитови ,,Party Rock Anthem” и ,,Sexy And I Know It”, а покрај Адел, тие беа добитници на најмногу награди, дури шест, меѓу кои оние за хит и група на годината.

По нив, на сцената се појави разголениот Крис Браун кој го исполни денс-синглот ,,Turn Up The Music” придружуван од BMX велосипедисти-акробати. Тој ја доби наградата за најдобар R&B изведувач, а од останатите рапери кои освоија награди на најпрестижната манифестација на Billboard, треба да се споменат и Виз Калифа за најдоброто откритие, односно Лил Вејн, кој ги порази тинејџ-ѕвездите Џастин Бибер и Бруно Марс во категоријата најдобар пејач.

Најголемо внимание предизвика Кети Пери, облечена во бел фустан, кој неодоливо многу потсетуваше на невестински, и лебдејќи обвиткана во бели платна над сцената премиерно ја изведе својата најнова песна ,,Wide Awake ‘’, за која самата истакна дека е лична, интимна исповед, а им ја посвети на сите оние со ,,скршено’’ срце. Ја освои наградата, која не е дел од стандардното сценарио (единствен претходен добитник е Мајкл Џексон), како единствена женска изведувачка во историјата со пет хитови од ист албум кои завршиле на првото место.

Џастин Бибер, пак, се претстави во посериозно издание, соодветно за неодамна наполнетите 18 години, и придружен од танчери-кловнови и урбанизирани гејши понуди поинаква изведба на неговиот најнов хит ,,Boyfriend”. Бибер ја прими наградата за најпопуларен изведувач на интернет, заблагодарувајќи им се на 22-те милиони следбеници на Twitter и 43-те милиони Facebook фанови, со зборовите ,,Интернетот е местото на кое започнав”.

Шоуто се емитуваше на каналот ,,ABC’’, a домаќини на доделувањето беа актерскиот тандем Џули Боуен и Тај Барел. На списокот изведувачи кои имаа свој перформанс се најдоа и Кели Кларксон, Д Вантед, Карли Реј Џепсен, Ашер, Кери Андервуд, Линкин Парк, Нели Фуртадо и Патент пендинг, победниците во ,,битката на бендовите’’. Меѓу наградените музички ѕвезди се и: Тејлор Свифт, Колдплеј, Лејди Гага, Лејди Антебелум, Шакира, Виз Калифа, Бијонсе, Фостер д пипл и Ники Минаж, а како презентери на сцената се искачија: Лиза Мари Присли, Мајли Сајрус, Зои Дешанел, Џулијан Хаф, Џејсон Деруло, Бренди, Крис Кристоферсон и Гледис Најт.

Покрај популарните изведувачи, миленици на помладите генерации, на овогодинешното издание на Billboard Music Awards се оддаде признание и на неколку музички легенди, за повеќето постхумно. Стиви Вондер, Дона Самер, Робин Гиб, Адам  ,,ЕмСиЕј” Јауч и Витни Хјустон беа имињата за кои се одржаа емотивни говори, а и им беше укажана почит со изведба на нивните музички дела од најдобрите изведувачи на денешницата: Алиша Кис, Наташа Бедингфилд, Џон Леџенд и Џордин Спаркс.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваМали задоволства
Следна објаваКреативни стаклени чаши
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ