Едно од најпрестижните и најгламурозни случувања во филмскиот свет, Канскиот филмски фестивал, од денес па се’ до 27 мај, по 65-ти пат традиционално ќе се одржи во малото француско гратче на азурниот брег. Престојат две недели филм, гламур, раскош, папараци, најдоброто од филмската продукција, највлијателните филмски фаци од сите континенти собрани на едно место, и неверојатно многу туристи, кои во надеж дека ќе ја сретнат омилената ѕвезда, одново го преплавија Кан.

Најавените гости и утврдената фестивалска програма, ветуваат дека ова ќе биде најуспешното издание досега. Ѕвездената екипа, која во екстравагантните тоалети ќе прошета на црвениот килим, ја сочинуваат: Никол Кидман, Бред Пит, Роберт Патинсон, Ева Лонгорија, Кирстен Данст, Зак Ефрон, Шон Пен, Кристен Стјуарт, Кајли Миног и многу други. Но, публицитетот и присуството на најголемите холивудски ѕвезди никако не смее да ја стави во втор план квалитетната филмска понуда, и промоцијата на долгоочекуваните проекти од врвни режисери, која ќе се случи токму во Кан.

Интернационалниот фестивал на филмот, кој оваа година е во знакот на ретро убавицата Мерилин Монро, вбројува 22 филмски остварувања во официјалната натпреварувачка програма, кои ќе се борат за освојување на престижната Златна палма. Со жирито ќе претседава италијанскиот режисер Нани Морети, а покрај него во улога на оценувачи ќе се најдат и британскиот актер Еван МекГрегор, неговата германска колешка Дајен Кругер и францускиот моден дизајнер Жан Пол Готје.

Отворањето на фестивалот ќе го обележат комедиите. Премиерно ќе бидат прикажани ,,Moonrise Kingdom’’, најновиот филм на Вес Андерсон, со Едвард Нортон, Брус Вилис, Бил Мареј и Тилда Свинтон во главните улоги, како и ,,The Dictator’’, последното филмско парче од комичарот Саша Барон Коен. Крајот, пак, ќе биде означен со прикажување на филмот на неодамна починатиот режисер Клод Милер насловен „Thérèse D’’ и со француската актерка Одри Тоту во главната улога.

Како филмови кои досега побудуваат најголем интерес може да се издвојат: ,,The Paperboy’’ сo Никол Кидман и Зак Ефрон, ,,Killing Them Softly’’ со Бред Пит, контроверзниот ,,Соsmopolis’’ со Роберт Патинсон, ,,On the Road’’ – најновиот филм на неговата партнерка од ,,Twilight’’ Кристен Стјуарт, како и долгоочекуваното трето продолжение на анимираната авантура ,,Madagascar 3: Europe’s Most Wanted‘’. Македонија во Кан ќе биде претставена од три домашни филма: ,,Жената што си ги избриша солзите“ на Теона Стругар Митевска, ,,Балканот не е мртов“ од Александар Поповски и ,,Трето полувреме“ , најновиот филм на Дарко Митревски.

Aко се тргнат настрана филмските факти, статистиката на престојниот Кански филмски фестивал изразена во цифри укажува на следното: 35 илјади професионалци ќе пристигнат во градот со популација од 74 илјади жители, 4600 новинари ќе ги прогонуваат филмските ,,ѕверки’’, 700 полицајци ќе се грижат за нивната безбедност, околу 60-тина нови јахти ќе се укотват на канското пристаниште, а за чиј паркинг ќе се плаќа од 130,000 – 400,000 долари , и целосна букираност на најелитните хотели ,, Martinez’’ и ,,Carlton’’ со ,,скромна’’ цена од 1,930 долари за ноќевање. На 24 скалила ќе биде биде поставен 60-метарски црвен килим, а само на 1,500 ќе им биде обезбеден пристап до истите.

Во исчекување на победникот на 65-то издание на најголемиот филмски настан во тековниот месец, ќе ве информираме за сите најактуелни случувања од и зад сцената на канската парада на луксузот, а во функција на филмската уметност. Па, шоуто може да започне!

СПОДЕЛИ
Претходна објаваГрадот каде сè е дозволено | Амстердам
Следна објаваМода од цвеќе
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ