Среќата постои за да биде споделена. Еден сосема мал гест на споделување љубов, внимание и убава мисла може да има магично дејство. Сведок е Johnny Barnes, осумдесет и осумгодишен пензионер од Бермуда, кој од обичен локален жител прерасна во херој и миленик на нацијата.
Што прави овој човек?

Секој работен ден поминува шест часа на сообраќајната заобиколница во неговото родно место, и во интервалот од 3:45 до 10 часот наутро ги развеселува сите возачи кои се движат кон градот. Секое утро, сончево или врнежливо, овој симпатичен старец е на својата стандардна локација, мавтајќи му на секој од нив, праќајќи бакнежи и поздравувајќи го со зборовите : ,,Добро утро!”, ,,Ве сакам!”, ,,Бидете благословени!”, и ,,Имајте убав ден!’’. На тој начин им го олеснува справувањето со сообраќајниот метеж и внесува ведрина во нивниот ден, исполнет со проблеми, грижи и стресна динамика. Сѐ започнало во 1986-та година, кога, враќајќи се од работа, одеднаш, добил нова визија за животот. Barnes секогаш бил мирољубив и весел човек, но дури тогаш одлучил дека споделувањето љубов за него е најважното нешто, клуч за вистински среќен живот. Без двоумење ја напуштил работата и  решил да се посвети на ширењето оптимизам, добра волја и радост до крајот на својот живот. Отпрвин го сметале за чудак, но за многу кусо време сите ја препознале добрината и искреноста со која им се обраќа, го нарекуваат ,,ангел на љубовта’’ , застануваат да се поздрават со него, да се фотографираат или да му подарат нешто. Досега само еднаш изостанал од дневната рутина поради болест, а луѓето вознемирено се јавувале во локалните медиуми за да ја дознаат причината за неговото отсуство. Во 1998-та година е поставена и статуа на овој ,,амбасадор на радоста’’.

Американскиот режисер  Matt Morris создаде кус документарен филм  ,,Mr. Happy Man” , посветен на ликот и делото на Johnny Barnes. Погледнете го 10-минутното видео доколку сакате поверодостојно да ја доживеете оваа необична сторија за среќата, за човекот кој низ насмевка порачува: ,,Светот е создаден за љубов’’. Запознајте го Господин Среќен.

Здравоооо, споделете доколку Ви се допадна Проектот.