Денес многу млади стекнуваат основни или дополнителни компјутерски вештини преку завршени обуки, тренинзи и курсеви. Ваквото неформално образование е од голема корист за сите оние кои поради одредена причина немаат запишано или завршено високо образование.

Едни од најбараните занимања во креативната и дигитална индустрија на пазарот но и најпривлечни за младите се графичкиот и веб дизајн. Голем дел од нив го добиваат знаењето преку курсеви и обуки, преку самоучење, онлајн туторијали, книги и сл, но тоа не ги прави доволно конкурентни на пазарот кај нас: во нивната лична биографија сѐ уште стои дека имаат само завршено средно образование, заради тоа што немаат стекнато потребни стручни квалификации.

Квалификација е формален резултат од процесот на проверка и потврдување кој што е стекнат, кога одговорна институција потврдува дека поединецот има постигнато резултати од учење, согласно утврдените стандарди. Постојат 2 типа на квалификации: квалификации на ниво на образование (образовно ниво) и стручни квалификации. Како што во високото образование се применува ЕКТС (Европски кредит трансфер систем и акумулирање), во стручното образование  се применува ЕЦВЕТ  (Европскиот кредит трансфер систем за стручно образование и обука). Еден ЕЦВЕТ кредит опфаќа 25 работни часа во траење од по 45 минути потребни за стекнување на одредени резултати од учењето.

Преку Македонската рамка на квалификации (МРК), која е задолжителен национален стандард со кој се уредува стекнувањето и користењето на квалификациите во Република Македонија земјата ги поврзува образованието и обуките заедно во еден унифициран систем на образование, со што и дел од неформалното образование влегува во систем на квалификувани дејности.

Денес се соочуваме со голем извоз на млади, кои откако ќе се стекнат со некој сертификат, заминуваат во други земји каде истиот е признаен и вреднуван. Во Македонија на таквиот сертификат се гледа само како на стекнување делумна квалификација, кое ќе овозможи квалификувано вработување на посакуваната работна позиција.

Во интервју со м-р Ангелина Канчевска, раководител на Семос Академијата добивме изворни информации за вреднување на знаењето и стекнување на квалификациите од постсредно образование за профилите Графички дизајнер и Веб дизајнер.

“Курсевите и обуките кои ги посетуваат слушателите за графички и веб дизајнери, сѐ уште не се регулирани во Македонската рамка на квалификации. Заради оваа одлука, на проблем наидуваат и работодавачите и кадрите кои што се оспособени за работа, но не се формално квалификувани. Доколку се регулира оваа област во МРК, оние што се стекнале со диплома од посета на едногодишните стручни програми (пост-средно формално образование) за графички и веб дизајнери, ќе добијат квалификација од 5-б ниво од Национална рамка за квалификации. Во Европските земји ова прашање е регулирано во рамките на своите Национални рамки на квалификации, а веќе на пазарот на труд се чувствуваат бенефитите од имплементирањето на одлуката.” – изјави Ангелина Канчевска.

При изработката на стандардите на квалификации, фокусот треба да се стави на тоа што треба да знаат и да прават лицата кога ќе ја стекнат квалификацијата. Во процесот на изработка на стандарди на занимања и квалификации од креативниот сектор, според експанзијата на оваа индустрија и заинтересираноста на пазарот на трудот, како и потребата да се инвестира во задржување на младиот кадар во Македонија, задолжително мора да бидат вклучени и ИТ креативците, односно графичките и веб дизајнерите.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСе екипираше тимот на серијата за деца “Наше маало” – Кој е поводот?
Следна објава4 Филмови во режија на жени кои не треба да ги пропуштите!
Пилотот кој раководи со летот кој ја открива креативната страна на животот е вечен поддржувач на широката палета уметности, со хиперактивен печат. Без ефект на изненадување поради уметничкиот допир од мали нозе и израснувањето во семејна атмосфера на вистински уметници прават од него модерен боем, шармантен екцентрик, вистински гурман, патувач и трагач по креативитет низ секој агол на планетата. Затекнат во маркетингот и односите со јавност, не успева да се оддели од креативниот максимум во секоја сфера на живеењето.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР