На годинашниот Саем на книга, а во рамки на саемското претставување на проектот „Прошетка низ Европа“ на издавачот Арс Ламина, ќе биде промовиран и македонскиот превод на романот „Најмал отпор“ од данската писателка Ада Дјоруп.

Романот „Најмал отпор“ дава прониклив поглед врз една значајна година од животот на една млада жена. Ема решава да плови кон нови насоки во животот предавајќи се на неговите сили и текови.

Кога нејзината баба умира, таа како наследство ù остава прекрасна летна куќа. Ема одлучува да ја посети куќата заедно со урната во која се наоѓаат кремираните остатоци од нејзината баба. На патот кон летната кон летната куќа таа се запознава со богат пар, кој исто како неа, скита низ животот. Таа ги кани во летната куќа на баба ù. Набрзо потоа Ема дознава дека е бремена, но она што не го знае е дали таткото на детето е богаташот или нејзиниот сопруг, кој моментално е во Австралија.

Главната карактеристика на романот е јазикот: без оглед дали се зборува за полесните или за потешките аспекти на животот, сè е кажано низ несентиментален, природен и рефлективен тон. Иронијата и интелектуалната рефлексија во романот потсетуваат на големите европски автори од раниот 20 век, но сето тоа е проткаено со младешкиот игрив стил на авторката.

Данската писателка Ада Дјоруп (Adda Djørup) го имаше своето деби како авторка во 2005 година со збирката поезија под наслов „Monsieurs monologer“. Нејзините приказни орбитираат околу егзистенцијалните теми со доза на хумор, што потполно одговара на стилот на нејзината проза и на впечатливиот филозофски осврт. Како потврда за нејзината литературна широчина, таа во 2011 година ја напиша драмата „Korus’ Kabaret“, а во 2015 година ја издаде збирката поезија „Poesi og andre former for trods“. Покрај наградата од Данскиот совет за уметност во 2007 година, таа во 2010 година ја доби и Европската награда за литература за романот „Најмал отпор“.

Преводот на романот од дански јазик го направи Крстева-Ичокаева Лара. Дизајнот на корицата е на Александра Новеска, која е избрана на конкурсот за дизајн на корици што го организираше издавачката куќа „Арс Ламина“ минатата година.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСината лагуна во Исланд го добива својот прв луксузен хотел!
Следна објаваОваа седмица во Јавна Соба
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР