Кафкијанска, и по замислата и по изведбата, „Чувар“ на Петер Терин е дистописка алегорија за современите општества што трезно и внимателно го води читателот низ лавиринтите на раздразливоста и неизвесноста кон освестување пред тешко пребродливата состојба на едновремено отсуство и потреба за сопствено преиспитување. Хари и Мишел имаат задача да чуваат станбен блок што се состои од четириесет луксузни апартмани. Сместени во големото подземно паркиралиште од каде што имаат непречен поглед кон влезот, со челична дисциплина и педантност тие ги спроведуваат рутинските инспекции. Но, Хари и Мишел не знаат ништо за карактерот на нивната мисија: целосно отсечени од надворешниот свет и без никаков контакт со помпезните, богати жители кои ги чуваат, тие не знаат ниту дали има (или барем имало) војна некаде надвор – онаму каде што улиците се злокобно и морничаво тивки. Па, дури и кога еден ден, сите станари – со исклучок на еден – го напуштаат блокот, заробени во своите улоги, Хари и Мишел продолжуваат да ги извршуваат старите должности.

Но, има ли смисла да продолжат да чуваат сега? И, ако пристигне нивната смена, како ќе се навикнат на еден свет потенцијално лишен од секојдневната здодевност и параноја на нивниот работен ангажман?

Петер Терин, роден 1968 година, е фламански писател кој дебитирал со збирката раскази под наслов „Код“ во 1998 година. По неговиот прв роман во 2001 година, „Гребаница“, се пробил со „Бланко“ во 2003 година, за човек што ја губи својата сопруга поради киднапирање во автомобил. Потоа следува „Прво жените и децата“ во 2004 година, каде што засекогаш се поставува во првите редови на фламанската литература. Во 2006 година ја објавува збирката раскази „Јадачите на пчели“.

Но, едно од неговите најзначајни дела е „Чувар“, номинирано за наградата за литература „Либрис“, со што го потврдува својот талент како стилист и творец. По оваа награда следуваат и Европската награда за литература за насловот „Ирските времиња“ во 2010 година. И наградата АКО за литература за романот „Пост Мортем“ во 2012 година. Следни негови дела се „Монте Карло“ во 2014 година и „Јука“ во 2016 година.

Преводот на ова дело го направи извонредната Ели Пујовска, преведувач од холандски и од фламански јазик, која зад себе веќе има значајна листа успешни книжевни преводи, додека дизајнот на корица е на Ангела Симоновска, еден од победниците на студентскиот конкурс за дизајн, на издавачот „Арс Ламина публикации“.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНовата кампања на H&M со The Atomics!
Следна објаваChristian Louboutin со пролетна колекција ‘Ruby Tuesday’!
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР