“Звукот на материјалите” е темата на седмото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week) што се отвора на 22 ноември во Јавна соба. На најпопуларната дизајнерска платформа за афирмација на културните и креативни индустрии на регионот, до 26 ноември ќе се одвиваат пет програмски целини на чело со две големи изложби и првата обука за дизајнерско размислување за деца.

“Годинешната програма е посветена на промоцијата на достапните материјали и технологии во регионов, што треба да бидат основа за развој на нови производи. На Балканот, кој сѐ уште изобилува со природни ресурси што може да се обработуваат за релативно ниски цени, правилната употреба и одново користење на материјалите и постоечките технологии може да им овозможат на дизајнерите револуционерни решенија“, велат организаторите за суштината на темата “Зукот на материјалите”.

Меѓународната изложба ЕКСПО зона (EXPO) годинава ја сочинува микс од 15 етаблирани но и млади и брендови, студентски проекти и иновации.

Земја во фокусот е Унгарија, а на изложбата “Обликување на Унгарија – дизајнот во 21. Век” во Јавна соба ќе се претстават 25 современи млади индустриски дизајнери, инoватори и инженери, кои на најдобар начин потврдуваат дека се потомци на генерацијата од 20. век која ги постави темелите на унгарската креативност.

Настапите на бендот на џез пијанистот Васил Хаџиманов и на триото на Георги Шарески ќе ја одбележат досега најдобрата музичка програма на Недела на дизајнот, а концерти ќе имаат унгарскиот “Михаљи Борбељи Балкан џез проект”, српските “Кило Кило Банда” и “Артан Лили” и диџеите, кои ќе свират секоја вечер на приземјето и на поткровјето на Јавна соба, Алек Сотиров, Флудер, Александар Мисковски и Фреки Фарис.

На 23 ноември во Јавна соба, во популарната кулинарска програма, перформанс ќе има војводинскиот шеф Мирко Веселиновиќ, кој ќе зготви 80 порции од традиционалниот војводински свински паприкаш, а ќе се дегустира и неговата прочуена ракија од кајсија и круша.

Викендот на 25 и 26 ноември ќе се одржат две детски работилници, на кои под водство на балкански експерти децата од 7-14 години ќе научат да развијат дизајнерски производ од идеја до реализација, како и да дизајнираат и да создадат прототип на мобилна апликација.

Неделата на дизајнот годинава ја лансира 4-дневната програма дизајнерско размислување за деца, во соработка со Британскит совет и Свис контакт. Во програмата, 20 дизајнери и наставници од регионов ќе бидат обучени од британски ментори да изведуваат настава за дизајнерско размислување за деца од 10 -18 години. Програмите за деца ќе стартуваат од јануари, 2018.

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн.

Сите активности на Неделата на дизајнот се отворени во Јавна соба и Лукс мебел и расветa секој ден од 8:00 до 01:00 часот, а влезот е слободен.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР