Октомври е месецот во знак на книгата. Најзначајниот светски настан во областа на издаваштвото и литературата – Саемот на книга и годинава од 11 до 15 октомври повторно на едно место ќе ги спои издавачите, авторите и љубителите на книгата, а меѓу земјите-учесници е и Македонија. Претставувањето на Македонија на Саемот во Франкфурт годинава е во организација на Македонската асоцијација на издавачи, а е финансиски поддржано од Министерството за култура на РМ.

Малите јазици на големата литературна сцена

Македонскиот промотивен штанд ќе биде сместен во петтата хала за меѓународни учесници, каде што, под мотото „Магијата на македонската литература”, на посетителите во Франкфурт ќе им бидат претставени 400 наслови од над 250 македонски автори, наградувани и преведувани, а меѓу изложените книги ќе бидат и 70 наслови од македонски автори преведени на европски јазици, како резултат на поддршката на Министерството за култура на РМ преку фондот за преводи.

Предвидени се повеќе промотивни настани. Главниот настан е во сабота на 14.10. во 12 часот. Во саемската промотивна сала, во рамките на Македонскиот ден, ќе се одржи дебата на тема: „Преку границите: Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност на ‘малите јазици'”. За напорите на издавачките компании и авторите во освојување на меѓународната книжевна сцена ќе говорат еден од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди, меѓу кои и Европската награда за литература во 2013 година, Лидија Димковска, потоа Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата „Темпи иреголари” (Tempi Irregolari), Рената Замида од Словенечката агенција за книга, Гвантса Јобава, потпретседател на Здружението на грузиските издавачи и координатор на проектот „Грузија – земја гостин на франкфуртскиот саем во 2018 година”, како и претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Целта на овој настан е да се споделат искуствата околу предизвиците за успешна меѓународна промоција на дела и автори од помали земји што не се толку познати на светската сцена.

На настанот ќе бидат поканети издавачки куќи, литературни агенти и професионалци кои учествуваат на саемот, а ќе бидат присутни и претставници од Министерството за култура на РМ.

Во рамките на придружните активности предвидени се повеќе настани на самиот штанд, меѓу кои промоција на детската македонска литература, како и интернационалната промоција на младата авторка Јана Мишо и нејзините два романи на англиски јазик – „Almost Parisian” и „Anais from Monmartre”, претставување на делата на Дејан Дуковски и на Сашо Димоски, а ќе бидат промовирани и креативните интерактивни планери „ПланУМ” и „Планум Приказна”.

Франкфурт е најзначајниот светски настан од областа на издаваштвото и литературата, каде што издавачи од цел свет се во трка по нови автори и овој саем е вистинското место за деловни средби и соработка меѓу македонските и интернационалните издавачки куќи со цел презентација на македонската литература. Досегашното искуство на македонските издавачи е позитивно и резултира во голем број договори за соработка, а тие очекуваат овој позитивен тренд да продолжи.

Франција – земја почесен гостин

Под мотото „Francfort en français” или „Франкфурт на француски”, Франција ќе се претстави како земја почесен гостин. Во фокусот на нивната презентација е францускиот јазик, што го зборуваат 247 милиони луѓе на пет континенти. Над 180 француски автори ќе ги промовираат своите дела на над 300 настани на разни саемски локации.

Саемот официјално ќе го отворат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. „Присуството на Меркел и Макрон треба да ја симболизира поврзаноста на Франција и Германија и нивната посветеност за силна и обединета Европа”, вели Јирген Бос, директор на Саемот за книга.

Франкфуртскиот саем на книгата се смета за најголем и најпосетен во светот. Тој е вистинското место за средба на експертите од оваа бранша, најголем пазар за книги, преговори за права и лиценци, каде што се разменуваат искуства, се склучуваат договори, место каде што секоја година, без разлика дали се работи за издавачи, автори, книжари, агенти, сите тие се заедно во Франкфурт во октомври и ги креираат новите трендови.

Инаку, Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.300 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.400 блогери.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНова форма на удобност од Women’secret
Следна објаваМузеј на легендарната Yayoi Kusamа отворен во Токио!
Пилотот кој раководи со летот кој ја открива креативната страна на животот е вечен поддржувач на широката палета уметности, со хиперактивен печат. Без ефект на изненадување поради уметничкиот допир од мали нозе и израснувањето во семејна атмосфера на вистински уметници прават од него модерен боем, шармантен екцентрик, вистински гурман, патувач и трагач по креативитет низ секој агол на планетата. Затекнат во маркетингот и односите со јавност, не успева да се оддели од креативниот максимум во секоја сфера на живеењето.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР