Радува фактот што во Македонија има доста талентирани и успешни поединци во најразлични области од уметноста. Денес на наше огромно задоволство разговараме со младата, талентирана и успешна поетеса, автор на две збирки поезија, која живее и твори во Рациновиот Велес – Ирена Христова.

Неодамна го објави твоето најново книжевно остварување ,,Од длабочините на моето срце‘‘, ајде да откриеме за што станува збор и што оваа книга нуди на читателите?

Христова: Токму така, ,,Од длабочините на моето срце‘‘ е мојата нова книга. Насловот е доста симболичен и на некој начин открива што се крие помеѓу страниците. Оваа книга дефинитивно е мој поетски автопортрет, затоа што во  секој стих се преточени многу емоции, различни доживувања, копнежи и надежи, животни лекции и согледувања. Но, она што е неоспорно е тоа што стиховите отвораат нови видици и зрачат со едноставност и искреност, а со тоа откриваат и една неоткриена големина на совршеноста.

,,Од длабочините на моето срце‘‘ ја посветуваш на твојата мајка, која е причината?

Христова: Овие стихови се посветени на мајка ми, бидејќи нејзиниот склоп на карактеристики се доволни за таа да е мојот поим за совршенство. Од неа научив да почитувам сé што е вредно за почит, да се борам за своите соништа, да не потклекнам на ниту една повреда и неправда, па така, најдлабоко од срцето се излеани стихови за мојата земја, за саканите личности, за природата, за моќта на сопственото делување и за се она што оставило белег и печат во моето минато и сегашност. Во ,,Од длабочините на моето срце‘‘ има своевиден приказ на искреност, добрина, несебична љубов, позитивност, оптимизам, упорност, одлучност и неуморност, карактеристики што ги поседуваат само мал број на лица, меѓу кои за среќа и мојата мајка. Таа ме научи дека не е силен оној кој никогаш не паднал, туку оној кој паднал и успеал да стане, да продолжи, да се бори, да успее – да победи, а токму тоа, на некој начин, е отсликано во ,,Од длабочините на моето срце‘‘.

Промоцијата на книгата се случи во Велес, како помина истата?

Христова: Да, промоцијата се случи во Локалната библиотека ,,Гоце Делчев‘‘ во мојот град, а моите сограѓани беа тие кои ја имаа честа први да нурнат во длабочините на срцето. Промоцијата помина одлично, имаше голема посетеност и сум презадоволна од реакциите на присутните. Оваа промоција ќе остане засекогаш во моите сеќавања, бидјеќи тоа беше еден несекојдневен настан исполнет со многу емоции, искрени желби, честитки и солзи радосници. И да, нескромно но, јас сум убедена дека ,,Од длабочините на моето срце‘‘ ќе доживее уште безброј промоции, бидејќи нејзиниот живот штотуку започна.

Какви се коментарите од читателите?

Христова:  Коментарите се повеќе од совршени. Навистина ме радува тоа што читателите ја препознаваат уникатноста, емотивноста и пред се реалноста на овие стихови. Моќта на стиховите да допрат до читателите и да го облагородат нивното срце ме прави бескрајно среќна.

Која е твојата порака до читателите?

Христова: Да го живеат својот живот на вистински начин, а тоа подразбира да откриваат убавини и да го пронајдат совршенството. Убавините се во книгите, а тие откриваат многу патишта и нудат проширени видици. ,,Од длабочините на моето срце‘‘ без сомнеж ќе ги замисли и ќе ги повика на размислување за смислата на својот живот, смислата на своето постоење. Читајќи ја ,,Од длабочините на моето срце‘‘ читателите ќе почнат вистински да го ценат секој миг бидејќи е неповторлив. Ќе откријат кога е иделното време за да започнат да ги остваруваат своите цели, но најбитно од сé помеѓу овие страници ќе пронајдат дел од себеси. Најискрено посакувам ,,Од длабочините на моето срце‘‘ да продолжи да ја пренесува пораката што ја содржи, а тоа е дека совршенството сепак постои. Тоа се наоѓа во секој од нас. Совршенство е секој човек, онаков каков што е, совршено несовршен.

Пишуваш поезија и студираш психологија, дали и како се поврзуваат оваа наука и пишувањето?

Христова: Несомнено, поврзаноста е огромна. Поезијата е порака од срцето до умот. Психологијата е насекаде околу нас, тоа е мојата втора љубов покрај пишувањето се разбира. Пишувањто ми е начин на живот, така умеам најдобро да се изразам и да ги искажам своите недоумици, таги и радости. Додека пак, психологијата од друга страна ми овозможува пред сé да се разберам и да се спознаам себеси, да ги препознаам емоциите и чувствата во мене воедно и да ги контролирам, а со тоа да ги сублимирам во пишувањето кое ми е ,,издувен вентил‘‘ преку кој се рехабилитирам од бурното секојдневие. Во ,,Од длабочините на моето срце‘‘ е истакната човековата свесност, вредностите, алтруизмот, човекољубието итн, од што јасно се забележува нагласувањето на хуманистичката психологија како психолошки правец што го почитувам.

Драги пријатели топла препорака од нас – прочитајте ја ,,Од длабочините на моето срце‘‘.

Во продолжение стихови од ,,Од длабочините на моето срце‘‘ од македонската поетеса Ирена Христова…

ПOЧНИ ОД СЕБЕСИ

Копнееш за пријатни средби
и искрени пријателства?
Посакуваш подобро место за живеење
и подобри денови?
Почни од себеси,
Промени се!

Во умот добри мисли одгледувај,
На лицето пријатни емоции изразувај,
Преку насмевка и љубов разговарај,
Со луѓето радост и среќа споделувај!

Промени се себеси!
Позитивна енергија нека те краси,
Заштитен знак нека ти бидат
оптимизмот и насмевката,
Рацете рашири ги само за прегратка,
Пружи ги за поддршка!

Почни од себеси!
Промени се!
Обиди се со зборови
радост да пренесуваш!
Со твоите дела и постапки
за хуманост и вредност да зборуваш!
Од себеси почни, светот да го подобруваш!

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЛетна програма во Public Room
Следна објаваНајава за новата колекција на Parfois есен/зима 2017
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР